Во Оризаре ќе се прска против комарци
Прскање за заштита од западнонилска треска ќе се врши во Оризаре, Куманово не е во ризичните подрачја.
Во липковското село Оризаре, по течението на реката Липковка утре ќе се изврши теристичка дезинсекција за уништување на комарците како превенција против западнонилската треска. Прскањето ќе се одвива во вечерните и утрински часови помеѓу два и пет часот.
Министерството за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје, определи 11 приоритетни локации каде ќе се изведува прскањето. На таа листа го нема Куманово, што значи дека не спаѓа во ризичните региони каде има појава на западнонилска треска.
Неофицијално дознаваме дека еден повозрасен жител на липковско е заразен од оваа болест и е сместен на Инфективната клиника во Скопје.
Министерството за здравство дало препорака општините да спроведат уште едно септемвриско авио-прскање против комарци поради високите температури во овој период од годината. Исто така остануваат на сила препораките на лекарите да се преземат превентивни мерки со заштитни мрежи на прозорците, носење на долга облека во вечерните часови и рано наутро кога комарците се најактивни и избегнување на престој на отворено во истиот период.