Во полн ек продажбата на велигденски јајца
Граѓаните по пазарите и продавниците денеска купуваат јајца за претстојниот христијански празник Велигден.
Цените за табла јајца се исти како лани и се движат од 170 до 210 денари. Трговците се задоволни од продажбата и велат дека два-три дена пред самиот празник, најмногу се купуваат јајца за Велигден.
Ударно е оваа недела. Задоволни сме бидејќи продажбата оди добро, но проблем на пазарот е што нема паркинг и луѓето ќе купат на друго место, за да не ризикуваат пајак да им ја однесе колата. Во просек граѓаните купуваат под две табли. Цените не сме ги менувале од лани, исти се и муштериите не се жалат дека е скапо - вели Лидија Димковски, трговец.
Купувачите објаснуваат дека 60 јајца се доволни за едно домаќинство за празникот.
Купив три табли за две семејства, за нас старите и за младите. Секоја година вапцаме од 60 до 80 јајца. Даваме јајца на сите кои ќе дојдат, на деца, на сите кои го почитуваат празникот, да ги почестиме - рече Методија Лазаревски, граѓанин.
Покрај јајца, на пазарите и во продавниците се нудат голем број украси и корпи за велигденски јајца кои ќе ја надополнат празничната атмосфера.