Водата во базените треба да е исправна
Водата во јавните базени за капење подлежи на редовна анализа во Центарот за јавно здравје.
Секоја година Државниот санитарен инспекторат ги обврзува сопствениците на базените да го контролираат квалитетот на водата за капење. Се практикува еднаш неделно да се земаат мостри за испитување.
Ако водата не е исправна, им се сугерира испуштање, односно почесто менување на водата во базенот. Ние покриваме два јавни базени и тоа Ловечки базен и другиот базен кој се наоѓа во населбата Средорек. Водата за капење треба да одговара на водата за пиење, бидејќи децата кога се бањаат можат да голтнат од таа вода. Не треба да се случи да дојде до инфекција на кожата. Базените мора да исполнуваат некои критериуми и да имаат преливни канали, соодветна подлога каде децата стапнуваат пред да скоканат во вода, тушеви - вели Мимоза Величковски, ракодител на оддел за хигиена во Центарот за јавно здравје.
Величковски објаснува дека сопствениците на базените секојдневно мора да го мерат резидуалниот хлор присутен во водата. За да отпочнат со работа јавните базени мора да имаат и систем за прочистување.