Мени

Водата во пчинските бунари загадена

02.06.2012 10:05 | KumanovoNews

Пред два месеци се земени неколку примероци од водата во бунарите во село Пчиња, и во Институтот за јавно здравје од Скопје е утврдено дека водата е загадена. Иако водата не треба да се користи за пиење, жителите кажуваат дека немаат избор и сепак ја користат.


Водата во пчинските бунари загадена

Претседателот на месната заедница во село Пчиња, Дејан Трендевски вели дека Пчиња е едно од ретките села во кое одредени жители немаат вода, па се принудени да земаат од комшии или да вадат од бунари. Тие сами направиле проект кој чини 7.000 евра , но институциите немаат слух да го реализираат.

Најголема причина за загадувањето е депонијата преку подземните води. Таа постои 50 години и до 2012 требаше да се затвори. Имаме потпишано Меморандум со општината, но само две точки се исполнети, а другото не. Ние ќе бараме на есен преку инспекции да се затвори депонијата. Сега луѓето работат во нива, зафатени се, но во ноември гарантирам дека цела држава ќе чуе за овој проблем. Ќе има блокада, ќе трае можеби 45 дена. Не е во прашање политика бидејќи сите ние сме од некоја партија. Квалитетот на водата е катастрофален - вели Трендевски. 

Преку советниците со кои имаат контакти селаните од Пчиња решиле да го актуелизираат проблемот. На 67-та седница на Советот на општина Куманово, Стефан Трајановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ спомна дека на овие луѓе им треба водоснабдување и канализационен систем. Трајановски кажа дека водата од бунарите е токсична. Му беше одговорено дека прво треба да се направи детална анализа, да се утврди фактичката состојба, па дури потоа оваа точка ќе се најде на дневен ред.