Мени

Водата во Проевце бактериолошки неисправна

22.08.2012 17:14 | KumanovoNews

Последните испитувања во Центарот за јавно здравје покажале дека во дел од чешмите има присуство на бактерија.

Водата во Проевце бактериолошки неисправна

 Минералната вода во селото Проевце што кумановци ја користат за пиење не е исправна. Последните испитувања во Центарот за јавно здравје покажале дека во дел од чешмите има присуство на бактерија.

Водата од одредени цевки не одговара на правилникот за безбедна вода за пиење, бидејќи има присуство на бактеријата псеудомона саерогеноза. Присуство на оваа бактерија има на 4 од осумте чешми. Три на големата чешма и една цевка на малата. Откако ги добивме овие резултати ја известивме санитарната инспекција, од каде е дадена забрана за користење на водата- вели др. Мимоза Величковски раководител на Одделот за хигиена во Центарот за јавно здравје.

 Присуството на бактеријата во водата било откриено уште на 8 август, по што била извршена дезинфекција на чешмите, но повторното испитување од денеска покажало дека бактеријата не е уништена. Затоа од Центарот апелираат до надлежните инспекциски служби во локалната самоуправа и Агенцијата за храна, да се исчисти бигорот од цевките каде што истекува водата или да  ги  заменат за да се избегне можноста од размножување на бактеријата. Лекарите велат дека бактеријата многу брзо се шири и предизвикува инфекции кај лица со намален имунитет и болните луѓе. 

Причина за појава за бактеријата е нечистотијата, бидејќи во летниот период покрај за пиење, во инпровизирани базени околу чешмите водата се користи и за капење. Целиот простор е запуштен и валкан, па се пренесува и на чешмите каде што истекува водата- додава Величковски.

Граѓаните кои денеска полнеа вода од чешмите не знаеја дека водата е загадена.