Мени

Започна одбележувањето на Недела на детето

06.10.2014 11:08 | KumanovoNews

На првиот ден од одбележувањето на Недела на детето, прием за учениците и децата организираше градоначалникот Зоран Дамјановски.

Започна одбележувањето на Недела на детето

При посетата на  општината Куманово децата одблиску се запознаа со начинот на кој функционира локалната самоуправа.

“Првата недела во месецот е Детска недела, а првиот ден е Светски ден на детето и по тој повод здружението организира посета кај градоначалникот.   Здружение за грижи и воспитување Куманово секоја година си има програма со активности која што е доставена до сите училишта. Годинава мото на Недела на детето е “Детски права за наше детство““ - вели Виолета Стошевска, претседател на Здружение за грижи и воспитување на децата Куманово.

Децата се интересираа за работните обврски на градоначалникот, колку трае работното време на вработените во општината, кога ќе се изградат нови тениски терени и слично.

“ Направивме неколку терени во Куманово каде можеме да отпочнеме со тениски школи. Се надевам дека во наредниот период ќе имаме поголем број на вакви терени. Куманово во изминатиот период направи четири спортски сали, терени за мали спортови, атлетски полигон. Се чувствува развојот на спортот пред се на школскиот спорт. Спортот е она кое е иднината на нашето општество, да се оттргнеме од сите пороци кои се надвиени над нас“ - изјави Дамјановски.

По повод Недела на детето градоначаликот денеска ќе ги посети учениците од основното училиште “11 октомври“. Цела недела училиштата ќе организираат активности за одбележување на Недела на детето која трае од 5 до 13 октомври.