Земјиште во кумановско ќе се додели на социјалци
Во тек е конкурсот за доделување на државно земјоделско земјиште на социјално загрозени и необезбедени лица.
Се нудат 26 хектари земјоделски површини во селата Горно Којнаре, Студена Бара, Косматац, Лопате, Никуштак, Стрезовце и Тромеѓа.
Времетраењето на плодоуживањето е пет години. Луѓето мислат дека секој може да земе и доаѓаат кај нас. Право на учество имаат лица кои се корисници на право на социјална парична помош, постојана парична помош, инвалидни лица, самохрани родители, лица старатели или згрижувачи на дете без родители или возрасни лица со одземена деловна способност. Документи кои треба да ги приложат се копија од лична карта, потврда од Катастар дека немаат земјиште, ќе му направиме план, потврда од Центар за социјални работи, решение за социјална помош, за инвалиди наод за вид и степен на попреченост. Некомплетни понуди доставени на конкурсот нема да се разгледуваат - вели Живка Наумова, раководител на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството во Куманово.
Конкурсот трае месец дена, а заинтересираните можат да аплицираат за најмалку 3 хектари земјиште. На ниво на држава се нудат 133 хектари земја за загрозени граѓани.