Мени

Земјоделците бараат извоз

02.06.2012 12:27 | KumanovoNews

Пазарите се преплавени со раноградинарски култури кои се продаваат по ниски цени и затоа земјоделците бараат државата да обезбеди извоз.

Земјоделците бараат извоз

Засега доматот има највисока цена и се продава за 80 денари по килограм. Пазарџиите сметаат дека тоа е така затоа што се работи за оранжериско производство, но за еден месец прогнозираат дека цената ќе падне.

- Секоја година има артикли кои се фрлаат. Лани знам компири на многу луѓе им останаа непродадени. Јас не сум експерт, но она што го имаме тука, бидејќи климата е блага, успеваат раноградинарски култури и тие не треба да се увезуваат. Лани и краставиците ги фрлаа земјоделците. Државата треба да обезбеди пласман - вели земјоделец од село Лопате.

Тие посочуваат дека квалитетот оди по нагорна линија, но цените стојат во место. Појаснуваат дека и пред десет години и сега марулата ќе чини 10 денари, а во меѓувреме маслото за јадење, брашното, шеќерот и други производи се поскапени.

- Откако се дозволи увоз на половни возила, секој втор трговец има комбе и може да отиде до Струмица и да земе два илитри тона зеленчук и тоа нас не кочи. На кампањите слушаме дека треба да се работи, да се произведе, но каде тоа ќе се продаде? Се стремиме кон некои еко стандарди, но и од тоа сме многу далеку. Овде нема ни едно парче на цел пазар кое е произведено без пестициди - велат земјоделците.

Според нив, штетите кои поради градот се предизвикани во Струмица нема да придонесат за зголемување на цените на зеленчукот. Земјоделците последниве години се разочарани од цените и велат дека во 2001 и 2002 година продажбата одела многу полесно, а цените биле солидни и за продавачите и за купувачите.