Земјоделците немаат навика да ги осигуруваат имотите
Едвај десетина кумановски земјоделци ги осигуруваат своите посеви и насади. Во случај на елементарни непогоди, поплави, град парите што ги вложиле ќе им се вратат.
Во осигурувањето 60 отсто партиципира државата, а остатокот земјоделците го плаќаат на рати.
Нивен е изборот дали целосно или делумно ќе го осигураат имотот од штети. Пред две години имавме семинар на оваа тема и некои од фармерите се двоумеа. При обилни врнежи од град сите бараат да им се надомести за уништениот род, но такво нешто не е можно без осигурување. Некои се осигураа на наша иницијатива. Ако сумата за осигурување е 20.000 денари, тогаш државата покрива 12.000 денари, а на товар на земјоделецот се 8.000 денари. Ако се случи житариците или градинарските култури да бидат уништени, тогаш зависно од степенот на оштетување ќе си добие надомест и нема да биде во минус - вели Стојко Ивановски, секретар на Здружение на земјоделски производители Куманово.
Ивановски вели дека пред дваесет години скоро сите земјоделци ги осигурувале имотите бидејќи и отштетите кои се исплаќале биле многу поголеми.