Мени

Жените Ромки во Куманово се дискриминирани

20.01.2012 16:26 | KumanovoNews

Ова го покажало истражувањето на Центарот за ромска заедница "Дром" од Куманово за потребите на проектот "Стоп за двојната дискриминација на жената Ромка".

Жените Ромки во Куманово се дискриминирани

Во анкетата биле вклучени 400 жени и девојки постари од 13 години, кои одговарале на прашања од областа на образованието, семејните односи,  вработеност, домување и здравствена заштита.

Се покажа дека е голема бројката на необразовани жени, а речиси сите од анкетираните беа не вработени. Многу мал дел од нив самостојно можат да се снајдат во институциите на системнот, без помош на член на нивното семејство, а врв на се се лошите услови во кои живеат. Многу се сиромашни, без ниту  еден вработен член од семејството. Тоа укажува на фактот дека постои некаков вид на дискриминација, која ја спречува жената да го достигне потребниот степен на образование, вработување и обезбедување на потребните сретства за егзистенција на семејството- вели Ремзие Муслиевска, социјален работник.

Истражувањето покажало дека степенот на дискриминација ќе се намали исклучиво со образование на жената.

Во Куманово живеат 4256 Роми, и со оглед на тоа дека во анкетата е вклучено речиси 10 посто од населението, податоците ја покажуваат реалната состојба во која се наоѓаат граѓаните од ромската етничка заедница, беше речено на денешната презентација на податоците.

Проектот има за цел да ги алармира надлежните институции да се подигне свеста кај жените Ромки самите да донесуваат одлуки и да управуваат со нивниот живот.