Мени

Згаснуваат паралелките за тригодишно средно образование

16.10.2014 14:22 | KumanovoNews

Младите немаат интерес да ги изучуваат занаетите и затоа поретко запишуваат тригодишно средно образование.

Згаснуваат паралелките за тригодишно средно образование

Една од причините за тоа е што во конкурсите за вработување се бара завршено четиригодишно средно образование. Повеќето стручните училишта во градот и покрај тоа што имаат капацитет не успеваат да оформат доволен број на паралелки.

 Во “Перо Наков“  годинава нема запишани ученици во текстилно - кожарска струка. Нема интерес од самите ученици и од родителите за тригодишно образование, иако имаме кадар, услови, програми“ - вели Момчило Антевски, директор на “Перо Наков“.

Во Земјоделското училиште “Киро Бурназ“ има паралелки на три години за фризер и пекар, а воведени се и три нови профили за кои нема запишани ученици.

 „Имаме нови струки градинар, цвеќар, автомеханичар, но ученици немаме запишано. Во однос на четиригодишно средно образование, за тригодишно образование интересот е послаб. Ако сакаат да продолжат на факултет, учениците мора за завршат 4 - ти степен“ - кажа Весна Трајковска, директорка на “Киро Бурназ“.

Од “Наце Буѓони“ објаснуваат дека последниве години интересот за тригодишно образование е намален, и оваа учебна година имаат само една паралелка за машински механичар. Директорката Лидија Михајловска вели дека учениците избегнуваат тригодишно средно образование, затоа што по добивање на таа диплома ќе мораат да се дообразуваат за полесно да се вработат.