Мени

Зголемена наплата на даноци во општина Куманово

09.10.2014 15:30 | KumanovoNews

Општината Куманово годинава бележи зголемена наплата на даноци во однос на лани.

Зголемена наплата на даноци во општина Куманово

Од почетокот на 2014 година досега општината собрала околу 105 милиони денари по основ на данок што преставува над 60 отсто од планираното. На денешната седница на совет, советниците од ВМРО - ДПМНЕ изразија сомнеж дека зголемената наплата е поради тоа што данокот на имот се пресметува по нова методологија.

“Од прегледот што го добивме од службите споредбено за три години, 2012, 2013 и 2014 година може да се види дека најдобра била 2012 кога имаме најмногу приходи. Во 2013 има пад за 35 отсто, а во 2014 има зголемување. Но, јас мислам дека ова се должи на новата методологија на даноци и такси. Јас би сакал да биде платено од повеќе даночни обврзници, а не да биде зголемена цената“ - рече Мирослав Стојановски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.

Раководителот на секторот за администрирање на приходи во општина Куманово Зоран Павловски, објасни дека данокот на имот се пресметува според градежна вредност, пазарната вредност, атрактивноста на недвижниот имот, а не произволно како порано. Колку ќе изнесува наплатата зависи од тоа кога се доставени решенијата, кога граѓаните ќе извршат уплата и слично.

 “До 31 август најголем раст е остварен кај данокот за физички лица, околу 22 милиони денари. Потоа е данок на промет на физички лица, исто така и данок на промет на правни лица. Имавме неколку големи трансакции во општина Куманово, класична купопродажба. Сите 32.000 домаќинства се поминати по нова методологија, сигурно 10 отсто се останати затоа што не ги нашле комисии и до крајот на месецот за нив ќе има акција. Очекувам до крајот на годината да имаме околу 150 или 155 милиони денари “ - објасни Павловски.

Претседателот на советот, Максим Димитриевски предложи да се разгледа опцијата за ослободување на социјалците од оваа давачка поради тешките економски услови во државата.