Мени

Жителите на “Црнотравска“ бараат бекатон

17.10.2012 12:21 | KumanovoNews

 Граѓаните кои живеат на улицата “Црнотравска“ покрај стадионот Башкими, бараат улицата да се покрие со бекатон плочки.

Жителите на “Црнотравска“ бараат бекатон

Тие велат дека повеќе од осум години локалната власт им ветува дека улицата ќе се асфалтира, но сеуште газат кал. Соседната улица “Вуковарска“ е бекатонирана па кога врне или соседите перат теписи, водата се слева пред нивните порти.

 Ние можеме да му конкурираме на Кочани и да почнеме да одгледуваме ориз, бидејќи улицата ни плива во вода. Многу пати баравме во општината да ни излезат во пресрет и да ни го решат проблемот, но тие велат дека не сме на приоритетна листа. Ние како жители на “Црнотравска“ не бараме асфалт од прва класа, туку да имаме бекатон, да се отворат решетки да тече водата. Оваа улица има најмодерен канал и најмодерна водоводна мрежа - вели Фета Ајдини, жител на улица “Црнотравска“.

Од секторот за урбанизам во општина Куманово објаснуваат дека оваа улица е ставена во програма за 2012 година, но техничката документација не е изготвена.

Додека не се направи техничка документација, од страна на општина Куманово не може тендер да се распише. Техничката документација требаше да ја направи ЈП “Водовод“, меѓутоа бидејќи има многу улици, претпоставувам дека не биле во можност да ја направат. Штом е ставена во програма сигурно ќе се реализира - додава Момчило Јовановски од секторот за урбанизам.

Од ЈП “Водовод“ велат дека до Нова година техничката документација ќе биде готова.