Жителите на „Гоце Делчев„ бараат да се дислоцира Центарот за зависности
Жителите на кумановската населба „Гоце Делчев„ побараа од надлежните во Кумановската болница да го дислоцира Центарот за зависности, кој работи во непосредна близина на основно училиште и градинка, бидејќи корисниците на метадонска терапија се дрогирале пред очите на нивните деца.
Тие сметаат дека една ваква амбуланта не може да функционира на десетина метри од образовни институции и најавија дека нема да ги пуштат децата на училиште ако за еден месец не се реши проблемот.
Постојано гледаме млади луѓе како се дрогираат во дворот на Центарот. Нашите деца се очи в очи со наркозависниците. Стравуваме дека некој може да ги нападне или да ограби, бидејќи тие се непредвидливи кога се во криза. Од игли и шприцеви неможеме да поминеме ни ние возрасните, а камоли децата.Тие не разбираат па ги земаат во раце да се играат и можат да фатат некој сериозна болест- велат загрижените родители.
Тие бараат Центарот за зависности да се премести во кругот на Општата болницата Куманово, но директорот Ариф Љатифи тврди дека таму нема простор. Тој им вети дека нивното барање ќе до проследи до Министерството за здравство и до локалната самоуправа за да се најде решение на проблемот.
Во Центарот за зависности околу 120 корисници на наркотични дроги неделно примаат метадонска терапија.