Зошто Ромите не одат на училиште?
Oколу 200 деца од ромската населба Средорек не одат на училиште иако основното и средно образование во државата е задолжително.
Најголем дел од родителите тврдат дека немаат пари да ги школуваат децата, а има и такви што се правдаат дека го пропуштиле уписот или велат дека училиштето им е далеку.
Во основните училишта “11 Октомври“, “Крсте Мисирков“ и “Браќа Миладиновци“ во една генерација се запишуваат од 40 до 50 деца од ромска националност. Многу од родителите не се информирани кога е уписот за првачиња и затоа или се откажуваат или децата ги запишуваат откако учебната година ќе почне.
Бевме на работа во Србија и во мај детето не го запишав. Имам ќерка осумгодишна и таа треба да е сега второ одделение. Во едно училиште прашав и ми кажаа дека списокот е готово да одам во друго. Јас имам три деца мали и не можам детето да го пуштам во подалечно училиште. Ако ми дојде казна ќе ги тужам, а нема да платам затоа што сум прашала - вели Елвира Мустафа од Средорек.
Ромите се жалат дека поради необразованоста многу тешко се вработуваат и тонат во сиромаштија. Објаснуваат дека немаат основни услови за да се интегрираат во образовниот процес. Пред да им се изрече казна, родителите се повикуваат на разговор. Родителите кои не ги пуштаат децата на училиште ќе треба да платат казна до 1000 евра.
Во ОУ “Крсте Мисирков“ има 90 деца од ромска националност. Имаме соработка со повеќе невладини ромски организации од Општина Куманово и напредок има со тоа што запишуваме се повеќе ученици и тие покажуваат подобри резултати. За разлика од преходните години, сега состојбата е многу подобра - рече Александар Саздевски, директор на ОУ“Крсте Мисирков“.
Ромите од Средорек велат дека и тогаш кога имаат волја да се образуваат наидуваат на дискриминација. Некои од возрасните се кајат затоа што навреме не се едуцирале и не завршиле ни основно образование. Велат дека оваа појава во иднина треба да се искорени.