Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју со Маргарита Аврамовска, професор по ликовно образование
1. Што не ви се допаѓа во Куманово?
Има многу работи што не ми се допаѓаат. Би почнала од депонијата спроти маркет “Туш“. Таму има метеж од возила, пругата не се ни гледа. Депонијата не се намалува, туку се зголемува за жал. Многу грди се осмокатницата и зградата над Тутунска банка, кои го нагрдува градот. Толку грдо изгледа што навистина би се засрамила кога би довела некој гостин, поготово странец да мора тука да престојува и да ја види таа глетка, а јас да му објаснувам колку е убав мојот град. Кога одите во Австрија, Швајцарија градот грее иако зградите се многу постари од нашата архитектура. Кај нас и новите згради се распаѓаат, а не пак старите. Старата архитектура треба да се обнови со нов сјај, а со истите карактеристики што е специфично за Куманово бидејќи не е некоја касаба, туку град кој има историја.
2. Што би смениле во градот?
Нехигиената е голем проблем на градот и можам да кажам дека секој граѓанин има одговорност, покрај соодветните институции кои се занимаваат со таа проблематика. Ако ги погледнеме младите, ме загрижува тоа што седат до 2-3 часот по кафулињата иако постои закон дека не смеат по полноќ да бидат таму. Тоа не се почитува ниту од институциите, ниту од газдите на кафиќите. Им се точи алкохол. Да не биде младите да седат, да пијат, а спроти нив униформирано лице да седи и да се прави дека не ги гледа.
3. Каде би прошетале гостин кој првпат доаѓа во градот?
Би можела да го шетам до Кокино, “Визијана“ можеби на ручек, во некоја слаткарница или кафуле во градот. Ако се запрашам посериозно од еден ден повеќе не би знаела каде да го носам. За жал ние останавме голем град без кино, а театарот знаеме колку функционира. Нема анимација за младите. Младите се нашата иднина, тие се фреквентни по градот. За нив треба нешто да се направи. Фали културно - забавен живот. Тие млади треба да се изведат на прав пат со некои морални норми кои не ги менува ниту едно време, ниту една политичка партија.
4. Што не би покажале на гостин кој првпат доаѓа во Куманово?
Ако би го водела на плоштад ќе го заговарам да не ги види фасадите, а ако го водам во околината ќе гледам да не ги види депониите кои ги има насекаде. Може на Кеј да го однесам, ама тоа е ограничено. Не може цел ден таму да го држите гостинот. Може Музејот да се посети, да ја види поставката. Може до Центар за култура да го одведам ако се поклопи да има некоја манифестација во градот.
5. По што Куманово се разликува од другите градови, по што е посебен?
Можеби е народот малку поразличен. Гостопримливи сме, меѓутоа имаме и некој инает во себе кој прави да опстојуваме и покрај сите проблеми и да се надеваме дека нештата ќе се изменат. И многу ми се допаѓа тоа што се имаме во центарот на градот. Се што ви треба е во близина, релација која може пеш да се помине. Институциите исто, училиштата се распространети зависно каде има потреба од нив.