„Медениот месец“ на Максим Димитриевски заврши. Поминаа повеќе од сто дена во кои градоначалникот успеа да испарадира секаде каде што ќе стигнеше. Па така, успешно прославуваше кинески нови години и отмено доделуваше награди на одгледувачи на галеби. Како што доликува на еден градоначалник се среќаваше со разно - разни делегации, со кои потпишуваше меморандуми за соработка, а службено се прошета до Нови Сад и Гњилане. Со своето присуство удостои голем број манифестации, како надалеку прочуената „Пифтијада 2018“, домаќински промовираше готвач на традиционални рецепти „Духот на Североистокот“ и не пропушти ниту една шанса да ги чествува и одбележи сите позначајни историски, верски и други датуми. Згора на сето ова, на својата Facebook страница успеа да објави и околу 2 000 000 (два милиони) слики од реконструирана канализациона мрежа во неколку 10 метарски улички во нашиот град!
Колку и ова претходно напишано да изгледа како мајтапење, за жал тоа е сѐ што градоначалникот на Куманово успеал да го „сработи“ во изминатиот период. Да биде „мајтапот“ уште поголем, сликите од реконструкцијата на канализационата мрежа се од проект на претходната Влада на Република Македонија, за чија реализација се потрошени 4 милиони евра обезбедени преку ИПА проект на Европската Унија. Класично „китење со туѓи перја“.
Било како било, не би требало да се оспорува фактот дека Максим Димитриевски победи на последните локални избори. Но довербата што ја доби од граѓаните на Куманово во голема мера се темелеше на проектите кои тој ги ветуваше во предизборието. За да не ги подзаборави, а особено што сега ќе го нема „џокер - оправдувањето“ на неговиот претходник Циц, на кого за сѐ што не реализира виновна му беше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги наведам покрупните проекти ветени од Димитриевски.
Решавањето на проблемот со водоснабдувањето во Куманово, како изборно ветување, се провлекува веќе неколку изборни циклуси кај скоро сите градоначалнички кандидати. За надминување на овој проблем Димитриевски вети изградба на цевковод Куманово – Липково, иако по природа на нештата цевководот треба да е од Липково до Куманово. Но да не ситничарам, во изборната програма на градоначалникот стои дека ќе изгради „нов доводен цевковод во должина од 18,4 километри со дијаметар Ф 609,9 ММ, што ќе обезбедува сигурен доток на вода до филтер станица во Куманово од дополнителни 500 л/сек., со што во подолг временски период ќе бидат задоволени потребите на граѓаните на општина Куманово“. На ова треба да се додаде и фактот дека Заев на предизборниот митинг во нашиот град вети: „За овој 18,5 километарски водовод кој што треба да го направиме од Куманово до Липково ќе го решиме заедно, Куманово и Владата на Република Македонија како партнери“. Но за жал, за ваков проект нема предвидено средства во Буџетот на општина Куманово, а не се ниту започнати никакви активности во таа насока од страна на ресорните министерства. Имам разбирање дека решавањето на овој проблем бара многу време, но немам разбирање зошто работите не се поместуваат од нултата точка. Се плашам дека и во овој четиригодишен мандат решавањето на проблемот со водоснабдувањето ќе го доживее фијаското како и во претходните мандати. Само што сега ВМРО-ДПМНЕ нема да може да биде дежурниот виновник.
Еден од главните столбови во изборната програма на СДСМ за минатите локални избори беше „обезбедување чиста и здрава вода за пиење и чист воздух, зошто тие се клучни за здравје и за живот“. За водата веќе елаборирав, на ред е воздухот. Последниве години аерозагадувањето во Куманово руши рекорди на светско ниво, а досегашната неодговорност на локалната власт го промовира овој проблем во најголем до сега. Иако во предизборието Димитриевски ветуваше сет на мерки со кои веднаш ќе се справел со загадувањето на воздухот, денешната реалност е дијаметрално спротивна. Обидот само со еден трактор да се реши еден ваков горлив проблем, во најмала рака ми изгледа дегутантно, но оставам простор да грешам, од причина што не сум стручен во таа област. Фактот што откако градоначалникот се „пофали“ дека аеросолизација на фреквентните сообраќајници во Куманово дава резултати, а веќе наредниот ден мерната станица во Куманово прегоре со рекордна измрена загаденост на воздухот, ми дава за право да верувам дека загадувањето на воздухот не се решава со еден трактор. Лесно е без претходна квалитетна подготовка и анализа, на избори, популистички да ветиш дека ќе го решиш овој проблем. Но на крајот тоа се сведува само на едно најобично лажење на граѓаните.
Во контекстот во кој ја „затерав“ колумната, а без да ја „ширам“ опфаќајќи уште области во надлежност на локалната самоуправа, ќе потсетам само за уште еден проект кој го вети Димитриевски. Проект кој до сега го ветуваа сите кандидати за градоначалници, но за жал на сите кумановци, проблемот си тлее со години. Капиталниот проект за справување со отпад и дислокација на постоечката депонија со рок за реализација до 2020 година стои во изборната програма на актуелниот градоначалник. Успешна и квалитетна реализација на овој проблем бара долготрајна и квалитетна подготовка, нешто што досега не ја красеше нашата локална власт, особено ако се додаде аргументот на „изобилство“ од диви депонии во секој ќош од општината. И самиот факт што општина Куманово веќе неколку децении се соочува и повремено површно се обидува да го реши овој проблем е дополнително оптоварување кон проекцијата дека во 2020 година Куманово ќе има модерна депонија по сите еколошки стандарди. Посебно што без суштинска промена во досегашниот пристап кој оваа локална администрација го има кон ваквите проблеми од голема важност и значење, истите се однапред осудени на пропаст.
За крај ќе наспоменам дека Максим Димитриевски на митинзите пред локалните избори ветуваше промени. Но од досегашното негово работење може да се извлече заклучок дека сè е исто во општината. Исти се директорите на општинските јавни претпријатија кои тој ги критикуваше, иста е администрацијата од која тој беше незадоволен, ист е принципот на вработувања по партиски клуч, ист е сообраќајниот хаос кој тој требаше да го регулира, иста е урбаната мафија со која тој требаше да се справи, односно сè уште се идентични проблемите на граѓаните во општина Куманово. Или како што вели еден мој пријател, СДСМ-овец од Цицовиот табор, „све је исто само њега нема“!
Бране Петрушевски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*