За да биде некоја работа квалитетно сработена, треба, пред се, да се вложи труд и навреме да се планира, чекор по чекор, секој процес што ќе доведе до резултатот што го посакуваме. Успешните политичари ,пред се, мора да бидат визионери, а не практичари. Како што треба да знаат кои се добри оперативци, а не послушници кои успешно ќе го изработат остварувањето на зацртаната цел. Калкулирање не е визија на добар политичар, туку на себичен политикант. Притоа, калкулирањето може да биде доста опасно, а тоа го докажува фактот што актуелниот градоначалник на Куманово беше принуден да собира потписи за кандидатура, само затоа што калкулациите за Куманово од врвот на партијата да се чека до последен ден беа доста погрешни. На веќе настанатата поделба во кумановското СДСМ не требаше да се калкулира, туку требаше навреме да се каже кандидатот, кој и да мисли партијата, за да не дојде однапред до вакви разврски. Што би рекол нашиот народ, требаше навреме да се знае црно на бело.
Критериумите за кандидатите за градоначалници, барем според тоа што го кажа премиерот, беа највисок рејтинг и прифаќање на концептот едно општество за сите. Што тогаш беше проблем во Куманово порано да се знае кандидатот? Што ќе сменеа овие неколку дена ако се знаеше името на кандидатот порано? Сега, со вакви одлуки или неодлуки, го доведовте обичниот член на партијата да се справува со притисокот за која социјалдемократска идеја да го даде својот глас на престојните локални избори. Со ваквата ненавремена одлука го продлабочивте јазот меѓу кумановските социјалдемократи. Наместо притисокот да го тргнете од обичниот член на партија, вие му нанесувате дополнителни маки. Обичниот член го доведовте до ситуација брат со брат, членови на иста партија, да агитираат за двајца различни кандидати, кои до пред само некој ден беа на иста анкета во партијата. Флоскулата “ИЛИ СИ СДСМ ИЛИ НЕ СИ”, која толку често знае да се употребува, губи на значење затоа што ќе имаме два социјалдемократа на изборното ливче.
Многу независни листи во повеќето градови се резултат исклучиво на лошите политики од двете најголеми партии. Се поставува прашањето дали сопственото мислење е хендикеп или богатство на идеи кои носат напредок. Обичниот граѓанин кај еден лидер сака да види интелект, идеја за лидерство, елоквентност, но и доза на пркос, сопствен поглед на светските движења.
Оваа есен, кој не може да купи МАМАС ајвар, ќе има уште една тема за разговор покрај малото ќумбе.
ЕСТРАГОН: Да одиме!
ВЛАДИМИР: Не можеме.
ЕСТРАГОН: Зошто да не?
ВЛАДИМИР: Го чекаме Годо.
ЕСТРАГОН: (очајно) Ах!
Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*