ТУРЛИТАВА
Турлитава. Сè по малку, сè измешано и ништо баш на свое место. Политика со култура, партизација со институции, личен интерес со јавен интерес, молчење со мудрост, неспособност со професионализам и, тамам зачин за по некој политички гаф. Нашето секојдневие одамна личи на тенџере во кое некој ставил сè што му паднало при рака и решил дека така треба да изгледа државата. Ако нешто сме усовршиле, тоа е мешањето на неспоивото. И се извинувам однапред ако има некоја правописна грешка. Не е од неписменост. Од чадот е. Од оној чад што со години го произведува Краста, па изгледа веќе не ни ги иритира само очите и белите дробови. Почна да ни влегува и во главите. А кога веќе сме кај чадот, не се знае ни каков отпад се носи, ни кој е надлежен, ни кој има ингеренции да реагира. Сите нешто објаснуваат, надлежноста шета од врата на врата, а одговорноста никаде ја нема. Кај нас и отпадот е турлитава само одговорноста секогаш недостасува. Затоа можеби црното почна да изгледа бело, неспособноста како способност, молчењето како мудрост, партиската книшка како диплома, а човекот што си ја работи работата како будала, додека оној што знае кому да се јави станува професионалец.
И можеби токму затоа ми привлече внимание статусот на мој/наш сограѓанин, актерот од Театар Куманово. Не затоа што во него има нешто спектакуларно, туку затоа што има нешто што одамна го немаме доволно - глас. Актерот, кој повеќе од една деценија е дел од Театар Куманово и вели дека одиграл околу 60 професионални претстави, реши после повеќе од десет години јавно да проговори. Не за улога, аплауз или награда, туку за својот театар. За институцијата на која ѝ го дал најдоброто од себе. Во неговиот статус стои една реченица која можеби е и најтажната слика за македонската култура денес: „Го изгубивме својот глас.“ Пред шест години им беше срушена зградата на Театар Куманово и ансамблот бил преселен во мал простор. Но, како што самиот вели, не ја изгубиле само зградата, изгубиле дел од себе. А приказната станува уште потажна кога човек кој игра од Шекспир до Васил Иљоски вели дека неговото работно место формално гласи „воведувач на публика 2“. А сепак: „Работам како актер затоа што САКАМ да сум актер и СУМ актер.“ И токму тука е понижувањето. Не во скромната плата или недостатокот на гламур, туку во тоа што човекот кој ја создава уметноста мора да докажува дека е тоа што цел живот го работи. Во статусот се зборува и за сплетки, партиски поставувања, мобинг, фаворизирање и за луѓе кои напредуваат благодарение на блискоста со моќта. Тоа се сериозни обвинувања и треба да бидат проверени, а не премолчени. Зашто кога човек после тринаесет-четиринаесет години ќе каже дека се откажува од професијата што ја сака, тоа не треба да биде повод за потсмев. Треба да биде аларм. А кај нас алармот одамна свири. Само што научивме да живееме со него.
Германскиот писател и кабаретист Вернер Финк беше познат по политичката сатира и по тоа што со хумор му се спротивставуваше на нацистичкиот режим; неговото кабаре било затворено, а тој бил уапсен и испратен во концентрационен логор. Оттаму доаѓа и една мисла што совршено се вклопува во оваа наша турлитава: „Од што се плашат политичарите?“ - „Од слободни избори, од отворени дебати, од екстремисти во истерување правдина и од вицови. „Со притисок и поткуп можат да се наместат избори - сведоци сме. Дебатите можат да се задушат со нивно неодржување, со контролирани медиуми и зависни новинари. Екстремистите можат да се елиминираат, маргинализираат или прогласат за проблем. Но вицот е малку потврдоглав. Може, се разбира, да се „ловат“ оние што ги раскажуваат, оние што пишуваат сатирични текстови и прават рилови, но хуморот има една незгодна особина: секогаш успева да ѝ избега на потерата. Не онаа од вестерн филмовите, туку онаа која се формира по канцелариите од „следбениците на партиските самопрогласени авторитети“.
Во Куманово, после изборите, гледаме експлозија на страници и Фејсбук портали кои го враќаат стариот дух на вицот и политичката сатира. Со иронија, сарказам и извртен поглед кон реалноста, тие ѝ го враќаат на власта она што таа можеби најмалку сака да го види - сопствениот лик во огледало. Сатирата, иронијата и сарказмот се орудија со кои се удира по главите на власта со бекатон во рака, токму со оној бекатон со кој таа ги добиваше изборите. Само што овојпат бекатонот не е за асфалтирање. И како и секоја власт која ќе почувствува дека некој почнува да ѝ се смее во лице, одговорот станува непродуховен, елитистички и тажен. Сезоната на лов на неистомисленици и на „менторирани уништувачи на идилата“ е отворена. Поделбата на „ние и тие“ е на најјако. Секој збор се мери, во секого се сомневаат, а гилотината секогаш стои подготвена. И, за жал, секогаш има доволно полтрони кои ќе кренат рака за да бидат тргнати од работа оние што не им се допаѓаат на вистинските или самопрогласените авторитети.
Ако веќе сакаме да зборуваме за антифашизам, култура и институции, редно е прво да научиме да ги препознаваме и браниме нивните суштински вредности. Особено кога сакаме да се претставуваме како нивни чувари. Зашто кога во покана за протестен марш ќе прочитате „85 години од востание против антифашистички окупатор“, веќе не знаете дали читате политички повик или некоја нова верзија на турлитава. Антифашистички окупатор? Лапсус од невиден размер. И не, ова не е само правописна грешка. Ова е момент кога историјата треба да ја прочитаме уште еднаш пред да почнеме да ја браниме. Зашто актерот не е СДСМ. Не е ВМРО. Не е ЗНАМ. Не е Левица. Не е власт или опозиција. Актерот е човек. И зад неговата професија стојат години работа, проби, текстови, сцена, трема, аплаузи, успеси и падови. И кога таков човек ќе каже: „Дадов доволно. Одиграв доволно.“, нормалното општество не треба да му се насмевне накриво. Треба да се запраша: Што направивме за да натераме човек што сака да игра - да престане да игра? Можеби токму тоа е вистинската турлитава. Не онаа во тенџерето, туку онаа во која измешавме политика со култура, партија со институција, личен интерес со јавен интерес, молчење со мудрост и послушност со професионализам. И на крајот добивме нешто што личи на држава, мириса на чад, а вкусот му е разочарување. Утре повторно ќе ја ставиме на шпорет. Ќе додадеме уште малку политика, уште малку партизација, уште малку лицемерие, уште малку молчење и ќе ја наречеме - нормално функционирање на системот.
Само што системот одамна не функционира.
Само турлитавата уште врие.
Емил Ташевски, Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ
Други колумни од Емил Ташевски
Додека едните пишуваат, другите не читаат
25.07.2026
Кога противникот ти е најдобриот сојузник
27.06.2026
Бебе се родило па некој мора да га љуља
28.03.2026
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*