Повеќе-децениската перцепцијата на СДСМ за власта е дека народните пари си ги сметаат за свои, така што нивното практикување на власта се сведува единствено на трошење на буџетската каса, државните и локалните капацитети само за остварување на своите лични цели и интереси. Сведоци бевме на приватизирањето на полицискиот џип за семеен одмор, на местење на повици и конкурси за полнење со пари на функционерските фирми, делење на тендери од ќерка - директор на татко - бизнисмен и сл.
Практикувањето на власта за остварување на лични цели не го заобиколува ниту Куманово, како град во кој има нов градоначалник кој на изборите ветуваше дека целосно ќе го смени концептот на владеење и дека ќе се стави во служба на граѓаните. Последниот „Меѓународен фестивал на тамбураши“ најдобро покажа дека ништо не е сменето и дека и новиот градоначалник во целост ја следи и подржува претходната политика, на која приоритет и беа личните задоволства на функционерите на СДСМ, а не интересот на граѓаните. Зад нас е уште еден неуспешен настан, за кој беа потрошени скоро еден милион денари народни нари, кои беа дадени на Фондацијата за култура и спорт, како организатор на фестивалот. Фондацијата, која беше формирана за да привлекува инвестиции во овие две области, досега нема донесено ни денар, но е доста добар потрошувач на народните пари. Оваа година, фестивалот кој се одвиваше во три вечери, едвај ги полнеше малубројните седишта на плоштадот и повторно ја немаше фестивалската организација, односно немаше никакви услови за малубројната публика да може да конзумира храна и пијалок. Како врв на фестивалот, директорот на Фондацијата - организатор, сам на себе си посвети јубилеј и себе си се прогласи за ѕвезда на вечерта. Каде на друго место можеме да сретнеме вакво нешто? Дали постои друг директор на меѓународен фестивал, кој со народните пари сам на себе ќе си организира почести и со тоа ќе се гордее?
Но, приватизирањето на фестивалот не се заврши тука. На сепареата кои беа донесени, обичниот граѓанин не можеше ни да помисли да седне. Тие беа резервирани за членови од потесното семејство на директорот, блиски пријатели или соработници. Покрај учесниците на фестивалот, замислете, и членовите на семејството и пријателите беа почесни гости на пијанките што потоа се организираа во еден ресторан во градот. Дали градоначалникот го одобри тоа? Дали се знае за кого народот плаќа да се гоштева по луксузните ресторани? До кога кумановци треба да трпат и да плаќаат за функционерите да можат да се задоволуваат? И на крај, кога функционерите ќе разберат дека тие треба да работат за народот, а не народот за нив? Ако последните неколку години, Фестивалот не носи посетители, а фондацијата поради немање интерес престана да го организира кумановско културно лето, дали најпосле ќе разберат дека манифестациите треба да ги прилагодат на потребите на посетителите, а не на своите лични амбиции и интереси? Како добар пример дека сепак има публика која е желна за забава или уметност, ќе го посочам фестивалот организиран на сличен начин и во исто време, во општина Крива Паланка. Не само што целиот град излезе на настанот, туку и многу жители од нашиот град, за време на одржувањето на Тамбурашкиот фестивал, заминаа на забава во Крива Паланка. Ќе го замолам градоначалникот да си го одржи ветувањето и Куманово да добие форма на град формиран според потребите на жителите, а не на локалните функционери.
Бране Петрушевски претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*