Константно унапредување на општеството е или барем треба да биде основната или суштинската поента на „владеењето“, односно спроведувањето на одредени политики, носењето на одлуки во име на други или управувањето со заедничките ресурси. Затоа „владеењето“ треба и мора да биде подложно на секојдневна реална и основана критика од јавноста. Посочувањето на општествените девијации предизвикани од „владеењето“ е задача на секој општествено одговорен поединец. Ваквиот оправдувачки вовед го давам од причина што ќе пишувам за една општествено чувствителна тема, а особено што знам дека напишаното ќе биде дочекано „на нож“ од инволвираните во оваа сфера од општественото живеење.
Познатиот борец за слобода, Нелсон Мандела, рекол: „Образованието е најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го смените светот“. Се прашувам, дали нашето општество им го дава ова „оружје“ на нашите деца, за да го сменат светот или државата, или пак во најмала рака градот!? Поразителен е фактот што Македонија на PISA (http://www.oecd.org/pisa/) тестирањата е рангирана на 67 место од вкупно 70 држави и е во друштво на држави како Алжир, Либан, Тунис, Доминиканска република... Причините кои го доведоа нашиот образовен процес до вакво „дереџе“ се многу, а виновниците – секој граѓанин, кој повеќе - кој помалку, кој директно – кој индиректно. И причините и виновниците може да се категоризираат, но и посочат разгледувајќи ги од различни аспекти. Лично сметам дека една од главните причини за деградација на квалитетот на образовниот процес кај нас е злоупотребата на власта при кадровите политики во образованието. Не ми се допаѓа кога ќе го прочитам или слушнам она – политиката длабоко навлегла во образованието, затоа што политиката и треба да навлезе во секоја општествена сфера, но од позитивен аспект, со цел да создава услови за континуиран развој. Затоа потенцирам дека попрецизно дефинирање е злоупотребата на власта при кадровите политики во образовниот процес. Или да бидам попрецизен – изборот при вработувањата на наставниот кадар во училиштата.
Не сакајќи да амнестирам никого, мојата критика ќе ја конкретизирам во рамките на состојбата со наставниот кадар во Куманово, единствено од причина што живеам во Куманово и нормално тука информациите ми се подостапни. Куманово е единствена општина во Република Македонија (поправете ме ако грешам) каде од осамостојувањето до денес владее една иста политичка елита и всушност нема доживеано промена на локалната власт. Можеби и затоа општествените девијации предизвикани од повеќе-децениско управување на една иста елита највеќе се чувствуваат токму во нашиот град. Јавна тајна е и нема да споделам ништо ново, дека вработувањата во кумановските училишта се вршат само и само по партиски клуч, а принципот на стручност и компетентност е одамна напуштен. Партизацијата на наставниот кадар во нашиот град отишла дури до таму, што и фондот на часови на наставникот или професорот зависи исклучиво од степенот на покажаната партиска активност. Доказ за оваа партизација е и тоа што дел од наставниот кадар, за да си го зачува работното место е приморан да се да се докажува на социјалните мрежи, каде во време на изборна кампања масовно се споделуваат фотографии од разно разни партиски активности на кои истите зеле учество. И тоа го прават гордо и без никаква грижа на совест. Не сакам никому да биде ускратено уставното право да биде партиски определен, но од друга страна општествената одговорност на наставниците и професорите е многу поголема, а нивниот животен повик да ги образуваат и воспитуваат идните генерации е многу повозвишен од одењето на митинзи или делењето на изборен пропаганден материјал. Замислете, во нашиот град веќе е нормално професорите во изборна кампања да ни доаѓаат на врата и да лобираат за избори, а не ретко при тоа лобирање да се поправаат и оценки, само да се обезбеди глас повеќе за својата партија. Токму овој своевиден натпревар помеѓу наставниот кадар - кој повеќе јавно ќе ја докаже својата партиска активност и лојалност, е штетниот производ на одамна напуштениот принцип на стручност и компетентност при вработувањата на наставниот кадар во нашиот град. Веќе е жално што ваквата груба партизација во образованието ја уништи почитта што некогаш учениците, но и нивните родители, ја имаа кон своите професори. Од секое правило има исклучок, па така мора јавно да им оддадам почит на оние малкуте вистински професионалци, кои со сиот жар и љубов, професионално си го извршуваат својот професорски повик. Иако се малку, сепак ги има и им „симнувам капа“.
Наставникот или професорот покрај тоа што треба да ги образува, тој мора да биде и педагог кој ќе ги воспитува нашите деца. Таа воспитна компонента е од круцијална важност, која покрај од родителите, мора да доаѓа и од училиштето, а особено во вакво динамично секојдневие. Недостатокот на оваа воспитна компонента создава индивидуи кои фрлаат отпадоци каде ќе стигнат, кои никогаш не поминуваат на зелено светло на семафорот, или не дај боже на пешачки премин, кои сметаат дека учењето математика или учењето генерално, е бесцелно, кои со разно разни манипулации сакаат да се стекнат со лагоден живот и многу други аномалии и примери за чие наведување и посочување немам доволен простор, но ќе ги разработам во некоја наредна колумна.
Затоа почитувани сограѓани, крајно време е не само јавно да се зборува и критикува за вакви битни девијации, туку и активно да се делува во спречување и превенција на истите. Да им се наметне на локаните власти да немаат друг избор и при вработувањето на наставниците да ги избираат оние најдобрите, а не просечните ученици. Крајно време е јавно да се посочуваат со име и презиме ваквите некадарни наставници и да се пружа максимален отпор, на секаков начин, против ваквиот начин на селекција на истите. Крајно време е да се искористат, на пример, социјалните мрежи и јасно да се даде до знаење дека сакаме квалитетно образование со квалитетни наставници и професори, а не партиски полтрони. Крајно време е да се создаде критична маса која ќе предизвика департизација на образованието во Куманово и ќе ја спречи понатамошна негова девастација. Секоја идеја и предлог во овој правец е добредојден. Не смее да се замижува пред овој проблем, а особено кога ќе се земе во предвид кој најмногу страда - нашите деца, нашата иднина.
Бране Петрушевски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*