Каде и да одам ми недостига неговиот сообраќаен метеж, „специфичниот„ мирис на воздухот, но пред се луѓето кои му даваат шмек со својот посебен кумановски говор, мајтап, гостопримство и инает.
Одамна е познато дека ние, Кумановци сме најдобри, најпаметни и највесели, но и дека најдобро знаеме да боцнеме со својот мајтап, така да анегдотите се прикажуваат со години. Што се однесува пак до инаетот тоа е приказна која ги влече корените уште од самото создавање на градот, преку аџи Трајко и Батко Ѓорѓија, па се до денес.
Секоја генерација ги чувствува и доживува на свој начин сеќавањата на Соколана, матинеата во Монопол, корзото пред Нама и Реклама, местата каде се раѓаше и завршуваше првата љубов.Градот на нашата младост денес е град на нова младост, која има свои места, нова генерација која размислува и живее поинаку, која има свои идеали и идоли, но сепак е како и ние вљубеник во овој град.
Но, и покрај нашата љубов и приврзаност кон нашето Куманово, мора да создадеме услови за современо функционирање и живеење следствено на потребите на новиот век, кој ги помери границите на урбаното живеење, а со тоа и потребите на жителите да креираат, создаваат и творат во овој град. Во овие неколку години благодарение на заложбите и љубовта кон овој град Зоран Дамјановски, како градоначалник и СДСМ како партија, која го доби мандатот од граѓаните. Го унапредија и осовременија урбаниот живот на градот, но и културниот, со многу манифестации во кои нашите согрѓани од сите возрасти, религии и националности можат да се забавуваат, но и културно надградуваат.
За жал ,развојот на Куманово во сите сегменти на општественото живеење е оставен на локалната власт, Советот и самите граѓани. Иако Кумановци со своите даноци директно учествуваат во креирањето на државниот буџет од Владата на РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за овие четири години немаме добиено ниту денар во сферата на капитални инвестиции, а богами ни во градење на барем една селска чесма, иако гледаме дека премиерот веќе четири години фрла лопати кај стигне, ама во Куманово никако.
И покрај заложбите на локалната власт за решавање на проблемите од инфраструктурата со ограничен буџет, ниту може, ниту е во состојба да ги реши сите проблеми на граѓаните во делот на поставување водовод, канализација и изградба на улици. Тоа не е само поради тоа што градот се шири во сите правци, туку и поради централната власт која не се надмина себеси во овие четири години и ги казнува Кумановци заради изборот на Дамјановски и СДСМ како носители на локалната власт.
Проблемите во образованието ги надминуваат средствата што може локалната власт да ги одвои, иако е потребно решавање на просторниот проблем во сите училишта посебно во двете основни училишта “Крсте Мисирков И “Браќа Миладиновци„. Во нив учат над 2600 ученици а, Владата реши да гради споменици како капитални инвестиции, наместо современи училишта со кои ќе им ги реши основните потреби на децата од 6 до 14 години.
Од толку очекуваните странски инвестиции на Кумановци им остана само гастрбајтерската работа во Ирак и Авганистан, каде ги ризикуваат животите за парче иднина на себе и своите семејства. Претпоставувам дека Владата не мислеше на вакви странски инвестиции?
Пред некој ден читам на Фејсбук како советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека плацот на кој се гради бензинската пумпа во центарот на Куманово, кај Зелениот пазар е продаден од локалната власт. Кога не би било жално би било смешно! Колку за потсетување министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски излезе и соопшти во медиумите дека државата уште оваа година ќе го продава државното земјиште,а од догодина онаа што тие нема да го распродадат, ќе им го дадат на општините. И колку за потсетување, купувачите на тоа земјиште се ЛУКОИЛ, божем Владата не мислеше дека оваа фирма која се занимава со увоз и продажба на нафтени деривати, ќе гради библиотека. Што се однесува на ДУП-от, тоа исто министерство во три фази го разгледувало и дало согласност, а Советот на Општината по сила на законот мора да го донесе. Но, ниту е првпат, ниту последен ќе биде ВМРО-ДПМНЕ да се служи со лаги и префрлување на вината тогаш кога го покрива незаконското работење.
Драги мои Кумановци, старите велат колку е толку е, ама наше е!
Можеби заради тоа што самите ја плаќаме секоја цигла вградена во секој објект во нашиот град, овој град дише со нас, живее во нас и за нас, ние сме тие што му ја даваме душата и ликот. Да продолжиме да го градиме и растеме преку своите поколенија заедно со него!
Советник на СДСМ во Советот на Општината
Марина Манојловска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*