Не знам каква просветлувачка, визионерска и храбра власт има во Велес, Штип, Битола, Прилеп, ама знам дека и таму има невработени, и таму нема основни услови за болните, и таму училиштат се како и овде, а единствената разлика е тоа што таму вие сте на власт а овде сме ние, па затоа овде се е лошо, а таму добро. Како политичка партија веќе шест години ја имате централната власт, па ајде да ги забележиме вашите успеси кои допринесоа за добробит на граѓаните на Куманово.
Третата фаза на децентрализација на локалната самоуправа која е неопходна, бидејќи е дел од европската агенда ниту сакате, ниту ќе ја спроведете, затоа што ќе морате да се откажете од капиталните инвестиции кои веќе пета година одат во Скопје, на штета на Куманово.
На Куманово му следува дел од тие инвестиции не затоа што јас или вие така сакаме, туку заради тоа што и кумановчани го полнат државниот буџет, ама не да се градат споменици во Скопје, туку да се гради онаа што му треба на Куманово.
Во вашата изборна програма ветивте „бум“ од инвестиции кои ќе им обезбедат подобар живот на сите во Македонија, па и на кумановчани. Дали можете да се сетите на било која инвестиција што ја донесовте во нашиот град, дали можете да се сетите на било што, што можете да го наречете свој проект во кој кумановчани гледаат надеж за својата иднина?
Устата ви се полна со патриотизам и со историското минато на нашиот град, ама по се изгледа тоа ви е само за изборна употреба. За овие шест години запрашајте се дали изградивте барем еден споменик кој го симболизира тоа минато, или еве барем да извршивте реконструкција на било кој споменик кој беше изграден во чест на нашите предци?
На нашиот град му требале луѓе кои биле визионери, ама и требало да го сакаат својот град и татковина. Види молим те?! Членови на одредена политичка партија распишуваат конкурс за промена не само на власта во градот, туку и на сопствените граѓани. На истите тие граѓани кои мака мачат да го преживеат денот од силните инвестиции со кои го преплавивте градот, па не можат да изберат каде да се вработат. Се прашувам зошто толку инсистирање за промени и визионерсто? Па еве го имаме Премиерот, кој визионерски не внесе во Античка Македонија, белким не ни треба нов визионер кој ќе не внесе во Европската Унија (пу,пу,скраја било, па они можат секој момент да пропаднат, а и ние со нив. Подобро ни е во антиката, така барем ќе останеме во учебниците по историја како народ кој некогаш постоел).
Во нашиот град живеат граѓани кои си го сакаат градот и татковината. Во нашиот град има луѓе кои умеат да донесуваат храбри одлуки кои се во интерес на граѓаните. Впрочем за тоа зборуваат делата а не колумните. Излезете на булеварите „Октомвриска Револуција„ и „Трета МУБ„, на Градскиот плоштад ,на Кејот,на клучката кај Ловечки Дом, во спортската сала „Перо Наков„, на атлетската патека „Наце Буѓони„, на асфалтираните улици на секој дел од градот, на тениските игралишта, градските гробишта,гасификација и има уште многу да се набројува, ама за тоа ќе ми треба многу време и простор. Сето оваа се изгради во Куманово и за кумановчани, а го изгради храброста и визионерството на градоначалникот Зоран Дамјановски и СДСМ со своите коалициони партнери. Свесни сме дека треба и мора уште многу да се работи на онаа што се вика урбано живеење, но и свесни сме дека нашите можности како локална самоуправа се ограничени без реализирање на третата фаза од децентрализација и приливот на капитални инвестиции во општинскиот буџет.
Затоа почитувани политички опоненти, Вашата влада, Вашите министри и Вие како политичка структура сте должни да донесете странски инвестиции со кои ќе се намали невработеноста во градот и државата. Ваша грижа е стандардот и социјалниот статус на нашите граѓани, а ваша обврска е да градите училишта, градинки, регионални патишта, болници, амбуланти, впрочем за тоа баравте и добивте мандат од граѓаните на Македонија. Ако сето оваа беше должност на општинските власти чуму премиер, министри, влада, собрание? Во Куманово се што се гради се гради само од општинскиот буџет кој го полнат граѓаните на Куманово. Сокривајќи се зад идеите за визионерство и храброст се трудите кумановчани да заборават дека во 2000 година, им ги одзедовте Спортска сала, Градскиот базен, Соколана, Куба, Пчела, Домот на културата, Домот на пионери, Кумановска бања и од нив направивте руини, иако кумановчани ги изградија со свои сретсва од самопридонес.Ако градење споменици и руинирање на објекти кои за овој град се негово светло историско минато за вас значи просперитетна иднина, ви благодариме! Ние градиме за живите, а мртвите ги почитуваме и во секоја прилика достојно чествуваме.
Координатор на советничката група на СДСМ
Марина Манојловска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*