×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нашиот и вашиот Илинден

    Виктор Божиновски

    Дефинитивно, оние 11 години владеење на Груевски ментално и интелектуално „осакатија“ еден дел од македонскиот народ. Завчера, гледајќи го срамното „покривање“ на прославата на Илинден од страна на јавниот сервис Македонската радио-телевизија, и подоцна, гледајќи што всушност се случувало во Крушево а што не можеше да се види на телевизија, за момент се засрамив какви сонародници имам.

    Знаете, всушност, најголемиот проблем е што тој ден видов дека постојат две Македонии. Едната културна, смирена, сталожена, позитивна, со идеи и однесување кои „тераат“ да мислите на сопствената и на иднината на сопствените деца, Македонија полна со ентузијазам и добра мисла, желна да направиме чекор напред и да излеземе од оваа балканско секојдневие и „голгота“ низ која минувате повеќе од 25 години. Таа Македонија го славеше Илинден во Пелинце. Таму беа некои насмеани лица, Македонци желни да станат Европејци, луѓе кои можеби и немале се што посакале во животот, но за своите деца и внуци посакуваат да останат тука, во Македонија, и да бидат дел од нормалниот, цивилизиран свет.

    Другата Македонија славеше во Крушево. Таму видов некои тмурни луѓе полни со омраза, луѓе кои не знаат како се почитува еден од најсветлите денови во Македонската историја, луѓе кои не отишле таму за да слават туку за да му кажат на „другиот“ дека го мразат, не отишле за да ја испочитуваат жртвата на Крушевските илинденци туку да направат раздор помеѓу народот, да посејат уште повеќе омраза, а најстрашно беше што оној лик што во слободно време се претставува како Претседател на државата, како некој што би требало да биде Претседател на сите граѓани беше токму главниот „хушкач„, главниот поттикнувач на таа омраза која извираше од овие луѓе, човек кој не сака да ја види Македонија како модерна европска држава туку како последна „дупка“ на овие простори, чијашто интелектуална матрица подразбира единствено да ги заштити сите оние припадници на криминалниот режим кој ја пустошеше 11 години Македонија. Е тогаш, можеби и тој ќе ја затвори сопствената уста од која завчера гледав како излегува само отров, омраза и нетрпеливост кон другиот, всушност кон секој кој не размислува како него, кој не може да поднесе дека неговото време одминува и дека доаѓаат некои други, поинакви луѓе кои се обидуваат да направат „чекор напред“ кој модерниот свет, свет кој нему му е стран, свет кој тој не го познава, свет во кој мора да има ред и во кој за него и за криминалната банда која ја штити едноставно нема место.

    Гледајќи ја оваа „прослава„, ме потсети на една многу слична, пред 20 години. Во 1998 година, на истото место, на светиот Мечкин камен, говореше тогашниот Претседател на Република Македонија Киро Глигоров и таму беше целата тогашна Влада на РМ. Се сеќавате на онаа прослава на која Претседателот Глигоров го „исвиркуваа„, го гаѓаа со шишиња со вода, прослава на која исти некои такви лица си ги чистеа кондурите од македонското знаме? Се сетивте нели? Е и тогаш кога Глигоров зборуваше за европски вредности, за демократија, за цивилизирано општество, повторно некои припадници на таа партија сакаа да му го покажат на светот „грдото лице“ на Македонија. Да, ама тоа беше пред 20 години. Тогаш немавме толку многу и такви сојузници како денес, тогаш само што бевме стапнале на светската сцена како држава додека денес сите вперуваат прст во Македонија како позитивен пример на кој другите треба да се угледаат.

    Да бидам искрен, ич не ми е гајле кај мисли дека оди ДПМНЕ со ваквото однесување, веројатно во уште поголема пропаст од онаа што им се случи пред 9 месеци на локалните избори. И ич не ми е гајле ниту за Мицковски кој ќе „изгори“ како суво дрво во оваа сериозна игра на која очигледно не и е дораснат. Единствено ќе ми биде жал за оние малку луѓе кои ги има таму, кои се чесни и навистина ја сакаат Македонија, а Хорхе, Мицко и таа мала „неписмена багра“ ќе ги повлече со себе. А на крајот Македонија ќе победи, а тие ќе останат само тоа „грдо лице“ од кое се срамам.

    Виктор Божиновски Виктор Божиновски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*