Да имаме невладина организација или здружение на граѓани, со доволно финансиски средства или со луѓе со ентузијазам и интелектуален капацитет, но најпрвин со интегритет и достоинство, би се покренала пријава до судот за човекови права во Стразбург или во судот во Хаг поради мајтапење со 120.000 луѓе. На кумановски „кривична за к.. ташак“
Денеска во анализите на експертите често се провлекува терминот пропаганда поради геополитика. Според нивното мислење Македонија е геополитички многу значаен простор. Гасоводот „Јужен тек“, коридори, влијание на тајни служби, зелената трансверзала и уште стотици други причини се наведуваат, да разбереме дека, по секоја цена, треба да станеме членки на НАТО и Европска Унија. НАТО е фикс. Го менуваме името на државата, технички преговори, и цап влегуваме во елитно друштво. Они со фракови, ние во опинци. Но нема врска, важно ќе не пуштат на журка, со определена цена на влезница. За ЕУ имаме ветување дека од 2035 година може да пристапиме и на баловите ако пред тоа решиме нерешливи проблеми. И тука настанува проблем. Празен простор во кој и стратези од Тависток институт ќе се најдат со кренати раменици.
На првиот поглед најдобро решение е пропаганда. За тоа веќе се погрижил Едвард Бернајс, внукот на Сигмунд Фројд, кој е основоположник на денешната магија „Односи со јавноста“. Според списанието Life, тој е еден од 100-те највлијателни Американци во историјата. Истото типче во 1929 година, со креативен договор со тутунските компании, спроведува брилијантна кампања за поттикнување на пушење кај жените на брендирани цигари, преку феминистичка порака „чувство на слободата“. Во кратки црти, во неговите дела „Пропаганда“ и „Кристализацијата на јавното мислење“ тој луѓето ги опишува како ирационални, под влијание на инстинкт на стадо овци, и детално објаснува како способни практичари можат да користат психологија и психоанализа во односи со јавноста. Неговите теорији денеска се изучуваат на сите престижните институти и универзитети.
Но, и тука има проблем, институтите кои подготвуваат планови за ефикасни дезинформации насочени кон Москва, справување со финансиската експанзија на Кина, влијанието на растот на населението во Индија и рефлексијата на неолиберална економија, контрола на ресурсите и диригирана цена на нафтата и природниот гас, како овие стратегии да ги применат во случај на држава која има население како две улици во Шангај, бруто домашен производ на просечен руски тајкун, со уценета или медиокритетска политичка елита? Што би направил Бернајс во Македонија 2018? Која е пропагандна стратегија да се дојде до 2035-та, а притоа ништо да не функционира?
Единствена опција е мајтап во скапоцени одела. Просто да не поверуваш дека некој во Китон одело може да биде толку безобразен. И додека се исчудуваме, времето лета.
Како поинаку да објасниме дека Куманово е прогласен за град на спортот во Европа.
Наградата беше врачена во Брисел на делегацијата на Општината од претседателот на Европската Асоцијација на градови на спорт, Џиан Фраческо Лупатели.
Ако е се оваа сериозно, а не дел од снимање на римејкот на Монти Пајтон, тогаш очекувам европски асоцијации од Брисел да бидат креативни. На пример, може да бидеме прогласени за европски град за грижа на животна средина, или „да не се сетат Власите“ награда за најдобар проект за чист воздух, бидејќи премногу очигледно е дека една година сме на ниво на најави за проекти, скици и елаборати. Следните две години, проектите ќе се направат во визуелна форма, објават на интернет, а може да падне и некоја макета. Не мора ни тука да се застане, римејкот на Монти Пајтон има повеќе епизоди, а зошто не и неколку серијали, денеска HBO покажа дека ваков формат е исклучително актуелен. Во една од епизодите може да сретнеме делегација која прима награда за револуционерни проекти во градежништво, зграда на нафта. Како тргнала власта нема да имаме само бензинска пумпа во населено место, туку над неа може и десеткатница, поради недостиг на простор.
Нема да се изненадам кога Куманово ќе стане кандидат за европски центар на архитектура, со проектот „Соколана“ како револуционерен дизајн во пост модерна уметност. Ако може за Аце Русевски после 1976 година во Монтраел, и Реџеп Реџеповски, со сребрена медала во бокс, во Лос Анџелес во 1984 година, да примиме награда во 2018 година, се наметнува логично размислување зашто да не искористиме адути кои ги имаме во ракавот од периодот помеѓу двете светски војни.
Да имаме невладина организација или здружение на граѓани, со доволно финансиски средства или со луѓе со ентузијазам и интелектуален капацитет, но најпрвин со интегритет и достоинство, би се покренала пријава до судот за човекови права во Стразбург или во судот во Хаг поради мајтапење со 120.000 луѓе. На кумановски „кривична за к.. ташак“.
Или ако на некој не му е јасно, да го поканиме господинот од Брисел и лично да му ги покажеме спортски достигнувања од распадот на Југославија, со мала прошетка до фудбалскиот стадион и посета на спортската сала.
Но денеска е се можно, како вели легендарниот директорот на Атеље 212 Борисав Михајловиќ Михиз, политичарите носат марамче од една причина, да се избришат кога некој ќе ги плукне. Како стојат работите, за успешна политичка кариера, потребно е кога излегуваат од домот да го симнат образот, и да го вратат кога ќе си легнат на спиење. Во сите останати делови од денот може единствено да им направи проблем. Како кај нас, така и во Европа.
Сепак не треба се да се генерализира. На доделување на престижната награда заблеска и вистината и искреноста. Во говорот на градоначалникот се потенцира: Куманово бил спортски град и град на олимпијците.„ Сосема точна и вистинита констатација. За жал се работи за минато свршено време.
Милош Стаменковиќ Милош Стаменковиќ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*