Во периодот кога започнувале подготовките за спроведување на воената операција „Морски лав“ - инвазија на германската војска на Британија, во Долниот дом во Лондон се одржала вонредна седница на Парламентот. Кога првиот лорд на Адмиралитетот, Винстон Черчил, ги предочил сите недостатоци со кои се соочувала војната машинерија на Голема Британија, како најсериозен проблем се наметнал недостатокот на пари во буџетот за одбрана.
Неговиот опонент излегол со предлог да се укине буџетот за култура и средствата да се пренасочат во буџетот на одбраната. Тогаш Черчил земал збор и прашал: „Ако ја укинеме културата, што тогаш ќе браниме?“
Но, тоа се Англичани. Што разбира Черчил? Да знаеле што работат нема да излезат од Европска унија и да ослободат место за Северна Македонија.
Не може лорд Курзон, Сесил Роудс, Черчил и Халфорд Мекиндер да разберат дека Шекспир е тотално неважен кога се во прашање ингеренциите за поставување на раководни лица во градинките. Што има врска театарска претстава, литературно дело или маестрална слика со реалните можности градоначалникот да постави „руководеќи орган“ свој човек на функција, или тоа да го направи ресорниот министер?
Два месеци главна тема е апсолутно неважна работа за било кој граѓанин на Куманово. Или пак постои одговор и за наметнувањето на вакви површни теми како приоритети? Одговорот можеби се крие во теориите на Валтер Липман познати како „производство на одобрување“, кога не бомбардираат со разни глупости за не ги видиме круцијалните работи. На крајот од замор, прифаќаме се што ни се сервира. Ако пак ги следиме теоретичарите на заговори, можеме да ги сретнеме и теориите, нормално следејќи ги тековите на парите, дека преку укинувањето на културата и кампањата „вратете ги ингеренциите“ се случува најголемата набавка на Општина Куманово во последна година и половина, или поточно од времето кога Максим Димитриевски е градоначалник. Тоа е набавка на трактор.
Кога ја прочитав веста, ми беа потребни два месеци да сфатам дека не се работи за шега. Каква потреба има градот од трактор? Или пак ако не се сметаме за градска општина треба тоа јавно да го кажеме. Во тој случај логично немаме потреба ниту од култура. Тогаш најважно е да докажеме кој е главен во селото. „Укините фестивали и да видимо кој е кмет.“
Каков циркус сме станале. Можеби и имаме среќа што немаме драмски писател од светски формат, па да го трампиме не за еден, туку за два трактора, со се додатна опрема.
Американците се уште полуди од Англичаните, според кумановски стандарди.
Збигњев Бжежински, советник за национална безбедност на американскиот претседател Џими Картер, во книгата „Голема шаховска плоча“ во која ја објаснува улогата на Соединетите држави во светот и нејзините геостратешки интереси, во дефинирањета на империјалната моќ, тој одредува четири фактори кои се основни вектори за глобална доминација. Од нив тој не може да издвои поголем и поважен фактор, туку сите ги смета за еднакво важни. И тоа: војна моќ, технологија, финансиска сила и култура.
За „лудиот“ Бжежински иста важност имаат авионите Ф16 и Хемигвеј, за Куманово поважен е трактор од Денови на комедија.
Затоа и сме на дереџе на кое сме. Бидејќи немаме парадигма на однесување. Ни недостасува пример какви сакаме да бидеме. Уште потрагично е што и ако имаме пример го игнорираме до бесвест, бидејќи светлосни години е пред политичките медиокритети со купени дипломи и изградени кариери со ласкање на партиските шефови.
Пример за тоа е Синиша Кашавелски. За него нема ниту еден збор од надлежните институции. Не ни помислувам дека некој ќе се сети да организира изложба, или ќе добие награда како заслужен граѓанин, макар благодарница од типот „завршен курс по англиски јазик“ или освоено 2. место во карате. Истиот Кашавелски во Париз доби златен орден за заслуги и допринос во уметноста. Добитник е на најпрестижни награди за сликарство во Франција, со што заслужил са стане почесен член на здружение на уметници. Победник на изложба во „Академија“ во Венеција. Изложби во Пекинг, Сингапур..... Со други зборови имаме уметник, наш сограѓанин со светско реноме. И тотален молк од сите што се задолжени за култура во градот.
Каков „лудак“ бил Черчил тој на Кашавелски би му дал титула „лорд“.
Сепак не е ништо чудно во игнорирањето на успешни луѓе, кога врвот на вкусот е Аца Лукас на плоштадот, а најдолго прочитан текст е наслов во таблоидите за гениталиите на Јелена Карлеуша.
Поради тоа никој нема да биде изненаден ако некој успее да организира Гитаријада и Општината ги пренасочи средствата на купување семе за жетва и нови плугови за орење.
За крајот, ако е за утеха, сепак постои одговор на сите овии неверојатни контрадикторни стандарди.
Во Светото писмо стои: „Што има заедничко Христос со Велијар?“ или во превод на кумановски:„Што има заедничко трактор со Денови на комедија?“
Милош Стаменковиќ Милош Стаменковиќ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*