Вистинскиот избор за Куманово

Наскоро ќе се одржат локалните избори. На 19 октомври, а доколку има потреба и во вториот круг на 2 ноември, граѓаните на фер и демократски избори ќе го кажат своето мислење. Мнозинството од нив, ќе донесе одлука која ќе биде конечна и која сите сме должни да ја почитуваме. Народот е суверенот, градоначалникот и членовите на Советот црпат легитимитет од него и се должни да му служат со чесно и одговорно работење.
Очекувањата на граѓаните од овие локални избори се многу големи. Постои одредена заситеност од домашната политика, како резултат на хиперпродукцијата на политиканство и профитерство на политичари кои ја добивале, но не ја оправдале довербата од граѓаните. Сепак, преовладува свеста дека без сеопфатна и одржлива развојна политика, креирана од политичките фактори, не може да се замисли иднината на државата и на нашата општина.
Куманово е најголема општина во Република Македонија и има многу проблеми кои треба да се решаваат, многу предизвици со кои треба да се соочи локалната власт, за да може да обезбеди нормално функционирање и развој на општината.
Секогаш кога ќе се спомне локалната самоуправа, кај повеќето луѓе прва асоцијација претставува градоначалникот, додека општинскиот совет како да е во втор план, што не треба да биде така. Општинскиот совет мора да си го потврди статусот кој му е законски определен. Одлуките што ќе ги донесува да бидат плод на една конструктивна и автентична расправа, сублимат на многу комплементарни идеи и предлози и компромис на различни концепции за локалните проблеми. Советот не смее да биде сведен на обична формалност, не смее да биде затечен од вештачки креираната ургентност на локалните моќници, или, пак, да биде во сенка на ригидноста и некомпетентноста на поединци од локалната администрација. Советот мора да прерасне во главен контролор на работата на локалната администрација, суверена брана против евентуалното самоволие на градоначалникот и обидите на разни криминални структури да влијаат врз политиката на локалната власт.
Советниците се директните репрезенти на сите граѓани на Општина Куманово, моќта е во нивните раце. Таа моќ не смее да биде корумпирана, туку да се бори за јавниот интерес! Кумановци, Куманово и заедничкиот живот мора да биде приоритет над сите приоритети.
Затоа, на овие избори ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка од своите коалициони партнери, излегува пред граѓаните со луѓе кои ќе ја реализираат оваа квалитативна промена во насока на создавање на одговорна, транспарентна и отчетна локална власт.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе има повеќе приоритети, еден од нив ќе биде подобрувањето на хигиената во градот преку изработка на системско решение, кое ќе подразбира значително подобрување на капацитетите на ЈП „Чистота и зеленило“.
Еден од најгорливите проблеми претставува сообраќајот во Куманово, кој ќе се олесни преку изградба на кружни текови на градските крстосници и со довршување на изградбата на Октомвриска револуција до автопатот. Неопходно е „ослободување” на улиците и на тротоарите, за да се овозможи непрекинато и безбедно одвивање на сообраќајот и слободно движење на пешаците.
Исто така во фокусот ќе биде решавањето на проблемот со недостиг на паркинг –простор во градот преку изградба на катни гаражи . Долго време се чека на овие катни гаражи, секој ден гледаме колку е алармантна состојбата во градот.
Во областа на заштита и грижа за најмалите во градот ќе биде иницирана изградба на три градинки и тоа во населбите Карпош, Перо Чичо и Зелен рид (започната е постапката што му претходи на почетокот на изградбата). Последната градинка е изградена пред 40 години. Освен адаптација на одредени простории, ништо друго не е направено изминатиот период.
Советот на Општина Куманово мора да работи и на јакнење на еколошката свест и во континуитет да донесува одлуки за доделување на субвенции на граѓаните за гасификација, преку субвенционирање за приклучок и по потрошен кубик. Како надополнување важно е да се следи работата на јавното претпријатие и да се помага проширувањето на гасификациската мрежа.
Спортот и културата ќе бидат еден од главните приоритети. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе стави фокус на развојот на младинскиот и училишниот спорт и ќе инсистира на поголема поддршка за домашните спортисти. Советот мора да води сметка за рационална распределба на средствата на сите спортисти и клубови, и на соодветно вреднување на нивните успеси. Во овој мандат на Советот, конечно мора да биде реконструирана и разубавена „Соколана“, како еден од најголемите спортски симболи на градот. Унапредување на културата, меѓу другото, ќе биде преку креирање на богати културни програми во текот на годината со многу настани од областа на културата. Општината мора значително да ја зголеми поддршката на нашите уметници и нивните проекти.
Неверојатно e во 2025 година, сè уште да зборуваме за проблемот со кучињата скитници, проблем кој ќе биде решен со нивно професионално згрижување во стационар, каде што ќе добијат третман во согласност со сите пропишани стандарди.
Советот е должен да го поддржува локалниот економски развој и да води грижа за социјално најранливите категории преку субвенционирање од страна на општината, а исто така, советниците на ВМРО-ДПМНЕ аргументирано ќе се борат за донесување на развојни буџети, преку кои ќе се проектираат повеќе средства за изградба на комуналната инфраструктура. Воедно, постојано ќе се работи и на унапредување на соработката со Владата, со цел добивање на финансиска помош за сите поголеми проекти за изградба и реконструкција на водоводната и канализациона мрежа.
Ова ќе биде само еден дел од работата на новата советничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Време е, Советот на општината да се наметне во системот и да почне рамноправно да кохабитира со градоначалникот. Да прерасне во главен столб преку кој ќе се креираат развојните политики, и пред кој, идниот градоначалник ќе дава редовно отчет за сработеното и многу поодговорно и со повеќе почит, заедно со другите претставници на локалната администрација, ќе го објаснува раководењето со Општината. Гласот на советниците мора да се слуша, тоа е демократски глас за потребите и интересите на граѓаните.
Кандидатите за советници предложени од ВМРО-ДПМНЕ се луѓе со интегритет и со стручност, потребни за донесување на квалитетни и целисходни одлуки од страна на Советот. Нивната промоција за кандидати за советници на ВМРО-ДПМНЕ не е производ на некакви внатрепартиски пазарења, фракционерски интриги, ниту пак е листа со која се задоволуваат одредени лукративни мотиви на членовите .
Советниците кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ се рефлексија на реалните потреби на граѓаните и претставуваат заеднички влог во креирање на една долгорочна политика за развој на Куманово.
Затоа, на локалните избори, да ја да дадеме поддршката на овие прекрасни луѓе, да го направиме вистинскиот избор.
Да гласаме за бројот 9, за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ!
Дејан Ристов, магистер по политологија од областа на меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија член на ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*