Глетката – ден после задушните саботи на Градските гробишта потсетува на сцена од хорор филм. Лековерните би помислиле дека е вистинито празноверието цврсто вкоренето во кумановската танатолошка традиција коешто вели дека во овие денови упокоените браќа и сестри во Христа наводно на чудесен начин „стануваат од гробовите“, „јадат“ и „пијат“ од понудените храна и пијалаци, но ете, на исто така чудесен начин, оставаат зад себе стотици пластични чаши, шишиња и салфетки коишто по своја волја, ветерот од Даштев Рид ги разнесува лево-десно.
Оваа заблуда, за жал, ревносно одгледувана и пренесувана низ повеќе кумановски генерации, па дури и во високообразованите кумановски семејства, на тапет го става современото лицемерие на православните кумановци кои масовно се одѕиваат на молитвениот повик на Црквата за добро на упокоените, но на сосема погрешен и, со сигурност - празноверен начин.
Огромната количина на јадење и пиење, зготвени или набавени по последниот вкус на покојниот, во втор план ги става молитвата, трпението да се сочека свештеникот и конечно, а народно: желбата на живите - покојните да имаат вечен спомен! Задушниците во Куманово со години наликуваат на пикник на отворено, наместо на производ на црковно послушание каде што верниците, без многу врева, достоинствено и во мир, со семејствата и свештениците се молат за прошка на гревовите и дарот - Царството Небесно за своите ближни.
Пикник кој реално се одразува на домашниот буџет, погрешно искористен во размена на скапа храна меѓу семејства коишто, очигледно, може да си го дозволат, условно кажано, луксузот кој како милостина би нахранил стотици гладни кумановци и на исправен начин би одговорил на повикот на Црквата: Правете милостина за добро и во име на починатите!
Последново, не само што нè оддалечува од целта на благородната обврска којашто живите ја имаат кон упокоените и кон Црквата (за која подмладеното свештенство на Епархијата редовно укажува, и јавно, и во прилично активираниот црковен живот со којшто Куманово конечно може да се пофали), но дополнително и ги делегитимира граѓаните во очите на властите и во сопствената слобода самостојно да одлучуваат за квалитетот на животната средина.
Масовноста на последната задушна сабота во Куманово не помина без вообичаениот сообраќаен хаос, па и пешаците и патниците во натоварените приватни и такси-возила, како и полицијата се преполнија со бес и нервоза бидејќи во повеќе наврати сообраќајот сопре поради несолидарноста и желбата со автомобилите, директно и по секоја цена, да се пристигне до гробните места.
Ете, со такво лошо духовно настроение се пристигнува на кумановските градски гробишта, па не е ни чудно што најпрвин се посегнува по чашката, две-три, под изговор дека и покојниот истото го правел во земниот живот, нарочно кога ќе се соочел со пеколот, на сега веќе, епскиот и надалеку прочуениот - кумановски сообраќаен хаос.
Циниците би изустиле дека кумановска судбина е и кога ќе починеш да немаш мир и да сведочиш на уникатниот хаос од неодговорните возачи и беспомошните пешаци по „Биљановска“ и на ѓубрето разлетано насекаде по гробиштата, но бидејќи нашата граѓанска непристојност одамна ја премина разумната мера, крајно време е „Чистота и зеленило“ да ЗАБРАНАТ внес на храна и пијалаци на Градските гробишта, освен потребната за обавување на црковниот обред и/или да означат и уредат посебни места на гробиштата каде што тврдокорните покорници на бесмислената традиција би си раздавале храна меѓусебно. Оваа забрана со време природно би ја обесмислила неправославната традиција, а трајната забрана за сообраќај на моторните возила низ Градските гробишта би ги обесхрабрила и најупорните традиционалисти, натоварени со храна да не доаѓаат на ова место.
Сè додека Куманово не добие сериозна анализа и предлог-решенија за справување со секојдневниот сообраќаен хаос, времениот режим во задушните саботи којшто ќе опфаќа: ЗАБРАНА за движење на велосипеди, мотори, камиони и нарочно, автомобили по Народна Револуција, Биљановска и Иван Милутиновиќ, обезбедување на БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ од било кој урбан блок до гробиштата и НУЛТА-ТОЛЕРАНЦИЈА од Куманово – ПАРКИНГ за паркираните возила на тротоарите од овие улици, за помалку од десет часа (!) ќе покаже, не толку дека општината го живее реалното секојдневие на граѓаните, но најмногу дека граѓаните не ја критикуваат општината поради критизерски или политички побуди и прифаќаат укажувања и планирани активности полезни за сите.
Општината ќе сетира нова промена во однесувањето, но и ќе покаже дека преку навременето планирање (на) и алармирање за настаните умее да управува со очекуваните локални предизвици. 105 илјади жители не се шега.
За среќа, во сагата: Одење на кумановска Задушница, нема место за политика!
Има место за конструктивност бидејќи сите имаме близок роднина или пријател погребан на Градските гробишта и сите сме сложни дека таму треба да се прикаже граѓанското достоинство, а не маскенбал на којшто редовно паѓа маската на современото граѓанско лицемерие: едно мислиш, друго зборуваш, а сосема поинаку делуваш.
Поправниот тест е точно за 103 дена: 15 јуни.
Ивица Алексовски Ивица Алексовски, Центар за комуникации, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*