×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ЖЕЛАТИН-ДЕМОКРАТИЈА

    Ивица Алексовски

    Кумановскиот говорен контекст му налага на вистинскиот кумановец да не прави драма ако од свој човек, наместо срдечен поздрав, првин прими срдечна пцовка.

    Луѓето отстрана шокирано и погрешно го разбираат овој уникатен атрибут на приватниот говор како обичен простаклак и многу подоцна ја сфаќаат слоевитоста на кумановскиот приватен дискурс кој различно се прилагодува кон роднина, другар, пријател или познаник, или, на пример, политичар и оној којшто сака тоа да биде како најпосакуваната споредна професија во Куманово. Дури може да се направи и разлика во расположението на соговорникот: „еве супер сам(!)“ - , „еве како да сам(?)“ -, и најчесто -  „и такој, и такој сам“ – расположение. Првите три.

    Оттука верувам дека, освен градоначалникот на општина Куманово, критичката публика на Кумановоњус јасно увидела непостоење на оксиморон во насловот на објавата „Куманово нема квалитетна инспекција, па гради кој каде сака, кажа Димитриевски“, која заедно со демантот на градоначалникот, се уште е во фокусот на интересите на јавноста. Нарочно, демократската: со суптилно чувство за доза и коректност, стекнато во приватниот, применето во јавниот дискурс. Сепак, неопходно беше напредно познавање на македонскиот јазик за да се разбере суштината на демантот.

    Преслушувањето, дури и не многу фокусирано, на снимката од првиот дел на 13. седница на Советот на општина Куманово потврдува дека и градоначалникот и советниците, меѓу кои и претседателката на Советот говореа за градежната инспекција во негативно светло, и непосредно и посредно, обвинувајќи ја за градежниот волунтаризам и општиот хаос во Куманово. За оваа јавна тајна се зборува и надвор од зградата на Комитетот повеќе од 10-15 години, временски интервал којшто го нотира градоначалникот Димитриевски, асоцирајќи на мандатите на градоначалникот Дамјановски. Неспорен е впечатокот дека и после девет месеца од стапувањето на функцијата, за градоначалникот Димитриевски – предизборната кампања трае: „Дамјановски е виновен за се!“

    Жалам што градоначалникот со демантот пост-фестум се „кае“ за својот говор и тврдам дека кога од оваа страна би бил искусен памфлетист од редот на кумановските социјалдемократи, а на местото на градоначалникот некој омразен опозиционер, со намера да го понижи и обвини за копирање, оваа кавга без преседан во Куманово, во „види, молим те!“ - и „пази, молим те!“ – стил, би ја споредил со недалечната кавга на претседателот Трамп и американските медиуми преку алузија на лажни вести и спинови. Социјалдемократите опасно веруваат на странските медиуми и во работи кои добро звучат и кога го тврдам ова, не потценувам; го следам секојдневието.

    И напротив, сметам дека е многу ризично во македонскиот електронски простор, граѓаните и политичарите да комуницираат единствено преку социјалните мрежи, изолирајќи ги медиумите како посредници. Привлечноста на лајковите, коментарите и шерувањата на политичарот, со време, му создава лажна слика на грандиозност и неподнослив презир кон противниците. Арогантниот политичар верува во медиумски завери и станува алергичен и на запирка, а камоли на две кои прават наводник, и горе и долу, и за тоа говори колумнистичкото искуство на повеќе од двајца поранешни локални политичари од левиот блок кои наивно сметаа дека колоритната глорификација на поранешниот градоначалник во плодната полемика на овој портал ќе ја промени вистинската перцепција за урбаниот хаос, чиешто креирање беше во тек. Потпирањето врз, по се изгледа, на потценувачкиот став за „ниската“ интелигенција на кумановците ги чинеше доброволно лишување од полемиката, сметајќи дека станале бренд, а заинтересираните граѓани останале неповеќе од „морони“ и без можност за поголем успех.

    Очекував објаснување за заложбата на градоначалникот во справувањето со урбаниот хаос да повика и медиум во чијашто веродостојност се сомнева, дури и во обидот да не биде божемен – но, апсурдот да биде поголем, нема ниту, барем срамежливо извинување од лидерството на кумановските социјалдемократи. Или се срамат, или како градоначалникот веруваат дека дисквалификација на локален медиум од местото на главен општински егзекутивец не е истовремено и закана, а помалку повреда на слободата на говорот и изразувањето на мислата. Градоначалникот без јавно извинување свесно се изолира во медиумскиот простор.

    Во основата на ова недемократско однесување лежи немоќта на предизборната манипулација и во деветтиот месец од градоначалникувањето да ја има истата моќ од лани.

    Димитриевски нема ниту тим, а очигледно, ниту волја, а буџетот – кус за многу пари штом борбата против урбаниот хаос и неговите креатори, кои порано гласно се нарекуваа урбана мафија, започнува со помпезна и ревносна борба против угостителските тенди со примеси на желатин и најлон како наводни симболи на хаосот и урбаниот срам.

    Потребата да се исклучи јавноста од дијалогот на градоначалникот со угостителскиот еснаф е јасна потреба за билдање на автократскиот капацитет и како чин е продолжение на игнорирањето на начелото на транспарентност како клучна алатка на граѓаните во креирањето на своето опкружување. Мислењето на граѓаните е небитно иако урбанизам без граѓанство е бесмислица.

    Но, барем, после шест години е јасно дека општина Куманово не била способна да управува со државното неизградено земјиште, односно да го наплаќа неговото користење иако беше најгласна од општините во обвинувањата за наводната опструкција од поранешната централна власт во развојот на општината и кочењето на процесот на децентрализација. Вешто криен факт кој резултирал со штета на буџетот којшто ние го полниме.

    Времето ќе покаже дали новата нетранспарентност крие „општинизација“ на угостителскиот бизнис како нужност во обезбедувањето на брзи пари во буџетот, под закана од често менување на клучните одлуки на Советот или е смислено изненадување во естетиката на заедничкиот простор? Истовремено ќе покаже и дали молкот на еснафот е знак за прифаќање на понудата или затишје пред бурна есен?

    Во меѓувреме, пред да добиеме искрено признание од сегашниот градоначалник дали навистина не можел да го спречи настанувањето на урбаниот хаос од политичките позиции пред сегашнава и ако не можел – зошто преку навремена оставка не се дистанцирал од претходното раководство, стилистиката ја решила дилемата дали тајните коишто стануваат јавни се јавни-тајни или воопшто не се тајни штом станале јавни? Постапила исто и со светлиот мрак и скромниот раскош и сите станале многу моќно стилско изразно средство наречено оксиморон кое беспотребно и за жал ќе биде дел и од архивата на општина Куманово како сведоштво за една трагична комуникација која чека извинување.

    Ивица Алексовски Ивица Алексовски, Центар за комуникации, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*