Ете, и тоа се случи... Маки од наше маало си направи партија. Ако, тоа е убаво, тоа е придобивка на демократските процеси во државата. Малку ми е чудно што во Македонија со 2 милиони жители има над 50 политички партии а во Америка со 330 милиони жители има 2 партии, ама нема врска, може и вака.
Нејсе, да се вратам на темата. Имав прилика да го гледам основачкото Собрание на партијата Знам за наша Македонија и се потврдија сите мои сомнежи во врска со кадровскиот, идеолошкиот и политичкиот потенцијал на оваа партија. Имено, од она што го видов можам да заклучам само една работа: Имено, се работи за партија која ќе функционира без никаква политичка идеологија, врз основа на чист популизам заснован на дневно-политичките случувања во државата кој често ќе се граничи со национализам, која на граѓаните секогаш ќе им го кажува она што тие сакаат да слушнат а не какви се реално состојбите и што треба да се превзема за да се поправат, дека јавната на бранот на паролата “Ми мрзимо Бугаре“ тоа ќе го “вергла“ цело време без да каже како тоа на поинаков начин да се реши проблемот, дека за цело време на Собранието не слушнав “Е“ од економски политики кои ќе ги води оваа партија за да им биде подобро на граѓаните... едноставно гола реторика без никакво понудено решение за било кој проблем. Впрочем, мене не ми е јасно каде во политичкиот спектар ќе се позиционира оваа партија... во левицата, десницата или во центарот зашто нема никаква содржина во она што го слушнавме. Имам чувство дека овие луѓе ќе бидат поголеми “вмровци“ од ДПМНЕ, поголеми социјалдемократи од СДСМ, поголеми “борци“ за работнички права од Левица, едноставно збирштина од гол популизам само да се освои некој пратеник на следните избори.
Исто така, имам чувство дека оваа партија, од она што можев да го видам во изминатиот период додека функционираа како здружение на граѓани, ќе се обидува да корумпира дел од медиумите и некои политички аналитичари со цел да биде позитивно претставена во јавноста. Последниот пример беше вчера наутро кога ми јавија дека во “Нова Македонија“ Панде Колемишевски, гробарот на “Нова Македонија“ и медиумскиот мегафон на Владата на Бранко Црвенковски во периодот 1992-1998 година напишал колумна во која го “величи“ големиот лидер Маки од наше маало. Прво што ми падна на памет е да прашам “а има ли некој да го величи Панде Колемишевски?“. Имено, токму во периодот кога тој “владееше“ со “Нова Македонија“ целиот медиумски простор, ако се сеќавате, го превземаа “Дневник“, “Утрински весник“ и “Вест“, а “Нова Македонија“ стана тотално неважен пишан медиум. За секој случај ја прочитав колумната и што ќе прочитам?: “Робусниот Максим Димитриевски и неговото движење ЗНАМ ќе биле орбитата за идните случувања во СДСМ!“. Бог да чува! Понатаму вели “ Кумановци, во мнозинство, „га поштуев“. Убеден социјалдемократ, набеден да ја напушти партијата откако таа го напушти него. Примерот со грубото елиминирање на Максо ја потврди старата вистина дека во СДСМ можат да возат долго само оние што кимаат со глава, не и оние што мислат со своја. Од прв заштитник на Зоран Заев во крвавите настани во Собранието до последен отпадник на Спасовски и Ковачевски, негови роднокрајци и сопартијци. Воден од идеали и од инает доби втор градоначалнички мандат наспроти сите сопки што му ги поттураа поранешните партиски другари и другарки, особено тие од Куманово“. И тука веќе престанав да читам затоа што ми се потврдија сомневањата дека се работи за нарачана колумна испорачана од бивш неуспешен новинар кој загубил осет за она што навистина се случува и во Куманово и во Македонија. Па чекај бе малку друже Колемишевски, ама оној што ти ја нарачал колумната не ти кажал дека на “лидерот“ не му чинеше Заев и неговите политики. Еве Заев веќе не е шеф, има нов, со чиј татко, поранешниот Градоначалник на Куманово Слободан Ковачевски, “лидерот“ на новата партија на времето имаше извонредна соработка во повеќе изборни процеси. Зашто тогаш оваква омраза кон синот на сопствениот ментор?
Како што еднаш напишав, ние Македонците генерално како нација, а особено ние Кумановците, отсекогаш сме имале проблем во меѓусебната комуникација, особено кога во разговор со вас учествува одредено лице кое нема баш особени познавања од муабетот што се прави, ама сепак сака активно да биде дел од “сериозната“ расправа, па многу луѓе, меѓу кои и јас сме дошле до заклучок дека нешто што е најдобро за вашето здравје е воопшто и да не правите муабет со вакви луѓе бидејки со нив едноставно нема разбирачка. Ова го кажувам од причина што многу пати сум имал прилика да разговарам со луѓето кои би требало да бидат носечкиот столб на оваа нова таканаречена партија и секогаш сум доаѓал до погоренаведениот заклучок. Имено, овие луѓе всушност, немаат визија што треба да се прави со државата туку единствена цел им е СДСМ повеќе да не е на власт, тие да добијат онолку колку ќе добијат пратеници, по моја проценка не повеќе од 3-4 и тоа точно знам во кои изборни единици и да си влезат во коалиција со ДПМНЕ па макар и со 1-2 министри, истиот метод што го применија по локалните избори во Куманово, само да бидат власт. Меѓутоа, нивниот метод на владеење на локално ниво е непочитување на судски одлуки, непочитување на државни органи, непочитување на наредби и насоки од Министерства, донесување на Одлуки на Советот на општината кои немаат врска со здрав памет, тотално неспособно раководење со општината при што, замислете, се гордеат дека најголемата капитална инвестиција била крпењето на дупките по улиците а притоа нема ниедна реална капитална инвестиција. Па во времето на ЦИЦ како Градоначалник имавме нов градски плоштад, ново речно корито, шеталиште на кејот, нов затворен градски базен, формирање на претпријатие за дистрибуција на гас... се капитални проекти. На ова раководство на новата партија кое веројатно ќе биде актуелното раководство на општината најголеми капитални објекти им се оној циркуз во центарот на градот кое го нарекуваат “катна гаража“ и јавување на телефон на адвокати со “молба“, “ абе ако може да не пушташ жалба за тој и тој тендер, ќе ми пропаднат парите од Европска банка, не можам да набавам полуподземни контејнери“! Свашта!
На крајот ќе се потсетам на една реченица која на новиот “лидер“ на партијата, инаку мој школски другар, му ја кажа еден професор у средно школо... Пресликано на наше “кумановско тло“, куде нас “врие“ од овија типови што све знаев и у све се мешав. Мој професор по физику у средњу школу, покојни Чевла, кд “лидер“ не знаеше да одговори на прашање, имаше едну омиљену реченицу: “Ти много паламудиш, ама малко кажуеш“! Или, како ми Кумановци би кажале, “само магаре без питање одговара“!
Се на се, другари мои, бивши социјалдемократи сас вмровску провиниенцију... ПРОЧИТАНИ СТЕ! Што би рекли браќа Срби “преко трња до звезда“... или во нашиот случај, од шајке и бургије до великог лидера! Да сме живи и здрави!
Виктор Божиновски адвокат
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*