×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Зошто ни треба настан како “Пикник во Пелинце”?

    Емил Ташевски

    Преку оваа колумна сакам да најавам еден настан што ќе се случи за две недели и кој се надевам ќе ја сруши монотонијата во овој град и ќе докаже дека дел од нашите сограѓани сакаат поинакви забави од епидемијата настаната од турбо фолкот, сакаат една култура која ќе пркоси на самото однесување на голем дел од младите и ќе докаже дека може да се забавуваме без да имаме наметнато дека мора пред нас да стои флаша виски и дека може да се забавуваме без да скршиме ниедна чаша.

    Понекогаш ми се чини дека животот е сведен на седење пред компјутерот кој ни го наметнува темпото на живеење. Сè е достапно со еден клик на глувчето. Можете да шетате низ Њујорк, по улиците на Лондон и сè тоа во пижами... Можете да нарачувате онлајн и сè тоа да ви биде доставено во неколку дена. Можете да читате книги во pdf формат. Можете да запознавате луѓе и да водите полемики за сè што ќе ви падне на ум. Да учествувате на форуми каде се расправа како и колку доите и под кој агол треба да ви стојат градите. Можете да учите, да научите многу. Гледање филмови, пишување романи, правење промени на себе и на светот. Можете да правите повеќе или помалку но сето тоа без реален живот кој пак е сведен во станови чии прозорци гледаат во спалната соба на соседите и програма за викенд на нашите темни дискотеки во кои не можеме да го видиме сјајот на сонцето и тревата под нозете.

    Одвреме-навреме гледам постери за концерти на оние чии имиња не ги знам. Претежно пејачи со пластични лица и уште попластичен остаток од телото, за кои ми велат дека го исполнуваат секој клуб во кој ќе се појават. Шират јавен неморал со своите текстови и го убиваат и тоа малку здравото ткиво што остана кај младите... Не знам како се викаат сите, но тие се на репертоар во секоја дискотека и во секој трет автомобил.

    Замислете само колку труд е потребен за да се направи една театарска претстава. Замислете го само сето тоа време, измени, аранжмани, проби. Сите тие идеи, текстови, музика, костими. Замислете колку е значајно сето ова за оние кои добро се потат пред да се појават пред публиката. И тогаш ќе бидеме десетмина. Дваесет можеби. Во град со скоро 100000 жители. Освен нели кога се денови на комедија и кога 70% од публиката иде да биде видена и да излезе наредниот ден на сликите постирани на социјалните медиуми.

    Игра на случај знам дел од организаторите кои сакаат овој настан да го реализираат за оној мал дел кој не сака забави од тип на турбо фолк просеравање по нашите дискотеки. Ја знам нивната идеја која можеби претставува една искра на надеж дека може поинаку. Нивната идеја е дека може да се забавуваме во голем број без потоа да оставиме смет во тревникот. Може да се забавуваме без да гледаме и сликаме флаши во кибла со лед. Може да се забавуваме без бели кошули и кожен каиш. И најбитно може да се забавуваме сите генерации и преку самата забавата во која нема само музика туку и културни активности како уметност, цртање и слика нешто да научиме.

    Самите организатори на овој настан ги споредувам со актерите во театар. Нивниот труд за нешто поинаку мора да се почитува. Барем да се обидеме заедно да ги вратиме вредностите по кои нашиот град одамна бил претпознатлив. Да покажеме дека може поинаку од шаблонот наметнат од новото време. Да бидеме дел кој ќе пркоси на неправдите наметнати од самиот систем. Систем кој е дерогиран и загаден од самопрогласени величини. Со вакви забави да се обидеме да изградиме систем и критична маса која размислува на поинаков начин.

    Се гледаме!

    Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*