Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Центарот за култура „Трајко Прокопиев„ во Куманово повеќе од една деценија е без централно греење.
Откако го украле системот за затоплување, кој бил во двор на друга институција, услови за работа во најзначајниот објект на културата во градот има само кога е топло. Во зимските месеци поголем дел од просториите и салите не се во функција, а се затоплуваат само канцеларииите каде се вработените. Фоајето, ходниците, големата и малата сала, онаму каде што се одржуваат културните настани и каде престојува публиката, се грее само по потреба, но без ефект.
„11 години Центарот за култура, големата сала и некои придружни простории не функционираат од ноември до април.Тоа се 5-6 месеци во кои тие простори ги губиме и немаме можност да организираме ништо. Дури и кога работеше системот за затоплување, на ниските температури беше проблематично да се затопли големата сала, а да не зборам сега во оваа ситуација“, - вели директорот Роберт Цветковски за СДК.мк.
Покрај тоа што граѓаните цела зима немаат можност да присуствуваат на поголеми манифестации и концерти, голема штета трпи и Центарот за култура, бидејќи губи проекти и средства во најпродуктивниот дел од годината, особено за божиќните и новогодишните празници, кога најмногу се организираат и посетуваат културни настани.
„ Од 150 до 200 илјади денари месечно или околу 1 милион денари имаме загуба само од тоа што не ја издаваме големата сала. Доаѓаат луѓе, сакаат да организираат некаква манифестација, но не можеме да ги пуштиме во ладна сала. Не е хумано, немаме основни услови за работа. Салата никогаш не ја фаќа сонце, ако надвор е -5 во салата е - 10 степени. Многу е ладно, да смрзне човек“, - вели Цветковски.
Цветковски е назначен за в.д. директор пред неколку месеци, а во Центарот за култура како историчар на уметноста работи 28 години и одлично ги познава состојбите во институцијата. Вели дека единствено решение за проблемот е објектот да се приклучи на парно греење на гас, бидејќи сега трошат големи средства за греење на клими, греалки, термо печки и големи калорифери, а поголемиот дел од објектот е ладен. За намерата го известил Министерството за култура, а наскоро ќе изработи проект и очекува финсиска подршка од министерството и општина Куманово, за да се реши горливиот проблем.
„Секоја влада сака да направи некои промени и стратегии, па така и оваа. Меѓутоа, она што првично треба да се направи е во сите објекти во Република Македонија е да се среди инфраструктурата. Ние, за жал, ги немаме решено базачните работи. Тоа е греење, светлосен парк, озвучување, конфигурација на сцената на малата сала, на тетарската сцена, покривните конструкции. Дури потоа можеме да правиме проекти и култура“, - вели Цветковски.
Додека да се реши проблемот со затоплувањето, дел од манифестациите се одржуваат во салата на Кумановскиот театар во друг објект, но нејзиниот капацитет е ограничен на 200 посетители, додека големата сала на Центарот на култура прима 675 посетители.
Центарот за култура „Трајко Прокопиев е изграден 1980 година и зафаќа површина од 3766 метри квадратни.Се наоѓа во центарот на градот и е најмаркантен објект на културата, кој се повеќе пропаѓа поради негрижа на надлежните институции.
Ладно фоаје и ладни радијатори, вградени во 1980 кога е отворен домот. Крадци го украле котелот и целата инсталација, кои се наоѓале во дворот на црквата Свети Тројца, бидејќи парното греење служело за станбена зграда, трговското претпријатие СУМА и тогашниот Дом за култура. Во 2000 година станарите се откажале од заедничкото греење, трговското претпријатие пропаднало и греењето неколку години го користел само Центарот за култура. Бидејќи котларницата на нафта била оддалечена 100 метри од зградата некој преку ноќ го скршил катанецот и однел се што било вредно. Полицијата не ги откри крадците. Штетата била голема и Центарот не можел да го поправи системот, ниту да вгради нов.