Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска е Прочка, односно Велики или Бели поклади, христијански празник која ја најавува пролетта - границата меѓу зимата и пролетта.
Празникот е проткаен е со разни обичаи кои имаат корен во фолклорот, односно традицијата на народот, а карактеристична е по барањето прошка, амкањето јајце, палење на обредни огнови- калавешници, како и маскирање на децата и возрасните- обичаи со кои се изгонуваат лошите сили и зли духови.
Се верува дека на овој ден си простуваат и небото и земјата, луѓето бараат прошка еден од друг за грешките и гревовите што ги направиле во текот на годината.
„Ова е празник на христијанската љубов и братското простување, на овој ден луѓето навистина ги отвараат своите срца и души, си подаваат рака меѓусебно и си простуваат и за најтешките гревови. Простувањето и поканието без сомнение се најсилните мотиви на христовото учење“, м-р Анита Стојчевска, советник етнолог во Музеј Куманово.
Празникот Прочка секогаш се паѓа во недела, затоа што е директно поврзан со Велигден. Во сабота ништо не се работело, не се ткаело, шиело или везело, туку само се чистеле домовите. Во недела наутро децата излегувале, пееле покладни песни, но во некои краеви на земјата се одржуваат карневали и ден денеска, како на пример во Струмица и Прилеп.
Во Куманово обичајот за маскирање на децата и младите постоел до крајот на минатиот век, кога излегувале маскирани поворки, т.н. сурати маскирани како баби и дедовци, во разни партали, како зооморфни и антропоморфни маски, накитени со разни ѕвонци и клопотарци, се играле разни ора и со ѕвонењето ги изгонувале лошите сили и духови.
Амкањето на јајца е посебно интересен обичај, во кој посебно уживаат децата, се изведува со варено јајце, врзано за конец. Најстариот од семејството го ниша во круг околу кој се наредени децата и оној кој ќе го гризне ќе има здрави и бели заби. Од лушпите домашните пиеле вино и ги фрлале во соседниот двор- „заедно со болвите сето лошо да премине кај него“.
Величествен впечаток оставале и обредните огнови што се палеле вечерта пред секоја куќа или раскрсница. Децата си ги црнеле лицата со саѓи, прескокнувајќи го огнот со верување да се исчистат лошите сили и болести од нив.
„Овој циклус на пролетно- летни празници обичаите биле во тесна врска со култот на природата, каде што улога имале аграрно-магиските обреди по кои се истакнувале, култот на сонцето, зеленилото, култот на огинот, водата, земјата како и култот на предците и култот на персонифицираните божества. Обичаите за Прочка се изведувани уште во паганските времиња. На граница од двете годишни времиња, празникот претставува продолжување на прославувањето на Дионисовата смрт и воскреснувањето што го симболизира пролетното будење на природата. Затој и бројните магиски компоненти се провлекуваат во различни обреди, кои во различни краишта на земјата се изведуваат, векови наназад со заедничка цел измолување благосостојба и здравје во текот на годината“, објаснува Стојчевска.
Освен Прочка во циклусот на пролетно летните празници, значајно место имаат Тодорова сабота, Младенци, Благовец, Лазарева сабота, Цветници, Велигден, Ѓурѓовден, Марковден, Свети пророк Јеремија, Свети Никола, пренос на мошти на Свети Никола, Свети Кирил и Методиј, Цар Константин и царица Елена, Спасовден и Духови.