Ивана Ѓорѓиевска од „ЗНАМ“ е реизбрана за претседателка на Советот на Општина Куманово
Ивана Ѓорѓиевска од Движењето „ЗНАМ“, која беше носителка на листата, денеска е реизбрана за претседателка на Советот на Општина Куманово.
Таа беше единствениот предлог и е избрана со 19 гласа од мнозинството во Советот, без поддршка од опозицијата, на денешната конститутивна седница.
Во своето прво обраќање пред новите советници, Ѓорѓиевска порача дека ќе работи во интерес на граѓаните и за развој на Општината. Таа најави соработка со градоначалникот, невладините организации и бизнис–заедницата, а ги повика и советниците од позицијата и опозицијата да даваат конструктивни идеи.
„Приоритет ќе ми бидат јавните претпријатија, кои треба да ги ставиме на здрави нозе за да пружаат квалитетна услуга на граѓаните, воведување комунален ред, решавање на сообраќајниот хаос и хигиената на градот, бидејќи тоа го ветувавме како политички партии пред изборите“, изјави Ѓорѓиевска.
Таа додаде дека Општина Куманово ќе има силна поддршката од Владата и дека во наредниот период ќе се реализираат големи инфраструктурни проекти во централното градско подрачје и во населбите, повикувајќи ги граѓаните на трпение додека траат работите на терен.
Советот на Општина Куманово во овој мандат ќе брои 31 советник, наместо досегашните 33, поради намалениот број жители. Мнозинството го сочинуваат седум советници од Движењето ЗНАМ, шест од ВМРО–ДПМНЕ, три од ДПСМ и тројца од ВРЕДИ. Во опозиција ќе бидат четири советници од коалицијата на СДСМ, пет од коалицијата на ДУИ, двајца од независната листа „Ред за Куманово“ и еден од Левица.
Иако конститутивната седница требаше да биде свечена и започна со химна испеана во живо од оперскиот пејач, кумановецот Дарко Тодоровски, сепак ја одбележаа партиските несогласувања.

Советниците од коалицијата на ДУИ, кои не се дел од мнозинството иако имаат повеќе советници од ВРЕДИ, ја напуштија седницата пред гласањето, незадоволни што не биле консултирани за предлогот за претседател, како и поради тоа што во комисијата за мандатни прашања немало нивен претставник. Тие сметаат дека имаат право да ги претставуваат албанските граѓани, бидејќи ја добиле нивната поддршка по бројот на освоени гласови.
На почетокот на неделата функцијата ја презеде и досегашниот градоначалник Максим Димитриевски, кој денеска во Советот им посака успешен мандат на новите советници.
Пред изборот на Ѓорѓиевска, седницата ја водеше најстариот член на Советот д-р Срѓан Ѓорѓевиќ од ДПСМ.

