×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Првите 50 дена по ослободувањето на Куманово

    10.11.2016 23:49 | KumanovoNews

    На 11 ноември 1944 година, во саботата навечер, по долга и крвава народноослободителна и антифашпистичка борба, со балистичките и четничките формации, Куманово го доживува својот прв ден на слободата, ден за кој мечтаеле неговите најдобри синови, кои за слободата за својот град  и за Македонија ги положија своите животи.

    Првите 50 дена по ослободувањето на Куманово

    Во тоа саботно претпладне, во градот влегоа единиците на 17-тата и 18-тата македонска бригада, инжинерискиот баталјон, самостојниот баталјон на народна одбрана, како команди на подрачјето и местата. Градот вриеше како во кошница, насекаде се слушаа весели  извици, се чувствуваше општа радост, на многу лица блескаа солзи радосиници, бидејќи низ улиците на Куманово  маршираа единиците  на славната  Народноослободителна војска, кои по четиригодишна крвава  борба ги исполнија идеалите на Перо Чичо, Христијан Карпош, Васе Гелев, Тане Георгиевски, Димче Еребица, Доне Божинов, првата загината партизанка во НОБ, Магдалена Антова и други знаени и незнаени јунаци, кои силно ја сакаа слободата, слободата на Македонија, на своето Куманово.

    Борците на единиците на НОВ влегуваат во Куманово. Данчо Митровски на коњ во слободно Куманово

    На свечениот митинг, кој во градот се одржа утредента на 12 ноември зборуваше  Бранко Стојковски - Руле, кој во тоа време ја вршеше функцијата на прочелник на Просветниот оддел на околискиот НОО одбор Куманово. На овој отворен митинг пред граѓаните на Куманово,  дотогашниот илегален НОО одбор Куманово формиран на 30 јули 1944 година ја презеде власта, а за негов прв претседател беше избран другарот Никола Пешев, татко на револуционерот Панче Пешев. За потпретседател на Одборот беше назначен Драги  Младеновиќ - Пироќанац, за секретар адвокатот Јанко Бојков, а за благајник Славко Спасовски. Останатите членови на тој прв легален градски одбор беа избрани: Трајко Каранфилски, Коста Димитриевски, Шабан Асанов, Димче Георгиевски, Стојан Ивановски - Слога, Шабан Османов, Сабри Асанов, Јашар Зумберов, Асан Љатифов, Јордан Антов, Борис Крстевски, Милан Стојановски, Евта Менкова, Гиго Цветковски, Ацо Тосковски, Тале Русова, Трипко Смилевски, Христо Тодоров, Најдан Тричковиќ, Дачо Рубеновски, Божин Стефановски, Георги Петковски, Горка Панчева, Никола Кипријановски, Иван Величковски – Брада и Цветко Јакимовски.

     Првиот претседател на ГНОО Куманово Никола Пешев

    Воедно, на 11 Ноември во Куманово доаѓаат и членовите на Околискиот НОО одбор, кој дотогаш делуваше илегално, прво во Арбанашко каде беше формиран на 20 октомври 1944 година, а потоа во Малотино и Чолопек. Претседател на овој Одбор беше Теодос Антевски, потпретседател Максим Станковски, секретар Петар Липковски, додека прочелници беа Евица Кипра - социјални грижи, Страшко Тодоровски- стопански оддел, Бранко Стојковски-Руле, просветен оддел.

    Така Куманово во тие бурни ноемвриски денови обвиени со радост  и среќа, но и гордост од постигнатото ги имаше создадено  највисоките органи на власта, градскиот и околискиот, чии активности беа насочувани од  Првиот областен НОО Скопје , односно Президиумот на АСНОМ. Пред  нив стоеше огромна одговорност, огромно бреме на кревките плешки кое допрваа почна да натежнува. При Градскиот НОО одбор организирано дејствуваше секретаријатот на истиот и одделите:  за стопанство чиј прочелник беше Гиго Цветковски, за исхрана (економски оддел) со прочелникот Димче Михајловски, за соопштенија и градежни работи со прочелникот Цветко Јакимовски; управен оддел со  Никола Кипријановски, оддел  за народно здравје и социјални грижи со Трајко Илиевски-Кмет и судски оддел со прочелникот Јордан Антов.

     Во тие први десетина денови од слободно Куманово неминовно, покрај сите проблеми што ги имаше градот и работата на нивно надминување  треба да се нагласи големиот НАРОДЕН МИТИНГ, кој се одржа на 19 ноември, ПРВ МИТИНГ ВО  СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА,  по одржување на Првото заседание на АСНОМ на кој присуствуваше највискиот македонски државен и партиски врв на чело со Методија Антонов Ченто,  Михајло Апостолски, Страхил Гогов, Лазар Соколов и други. Пред преполниот  кумановски плоштад, на пространата Тумба зборуваа Методи Андонов Ченто,  Петар Темелковски-Лилјакот, еден бугарски генерал Ќемал Каја, кои се осврнаа на сите  успеси кои ги постигна Народно-ослободителната борба на македонскиот народ, на создадената слободна територија, но што е многу интересно и на обврската за ослободување на сите делови од Македонија, мислејќи и потенцирајќи ги  Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија. Тоа беа пораките од овој митинг, што ќе рече борба за  сите делови на Македонија, за да  потоа, најверојатно на Второто заседание на Президиумот на АСНОМ пред новата 1945 година претензиите се сведоа  само на ослободување на Вардарскиот дел од Македонија. Но тоа е сосема друга тема.

    Партискиот и државен врв на митингот на 19. 11. 1944 година  во Кумаово. Лазар Соколов говори пред  насобраните граѓани .

    Да се вратиме на новата народна власт и состојбите во градот. Зимата наближуваше, огревното дрво беше приоритет, како и исхраната на населението. Посебно беше тешка состојбата на оние семејства кои останаа без „машка рака“ , воените сирачиња и инвалидите од војната. Со финансиски средства кои се собираа на разни начини се формира фонд „социјални грижи“, кои најпрвин требаше да ги реши проблемите за обезбедување на населението со основните наимирници: брашно, сол, шеќер, гас и сл.

    Борбата за храна се одвиваше во мошне отежнати услови. Се што беше способно се мобилизираше во есенската сеидба. Се бараа  било какви машини, добиток, беа набавени извесни количини на семенски материјал, кој организирано се делеше меѓу производителите.

    Од индустриските претпријатија во градот функционираат само Монопол и  Електричната централа. Несреќата да биде поголема во тој период  градот го зафаќа  епидемија на пегавиот тифус кој бргу се ширеше меѓу населението, кој најчесто се пренесуваше преку  вошките, што од друга страна бараше  хигиена во домовите, зашто беше преземена широка акција од власта. Медицинскиот кадар исто така беше  минимален, а во градот, во декември 1944 година  работеа само пет лекари:  Аврам Бенвенисти, Душко Алејксиев, Тодор Христов, Иван Џартов и Харпун Калпакџијан , како и 4 апотекари, 3 бабици и 8 медицинскио сестри.

    Кадровскиот потенцијал за  градење на власта беше исто така мошне скуден. Во градот имаше само 7 правници, кои главно работеа како адвокати, а за потребите на судството можеше да се смета на уште 22 лица кои беа апсолвенти по право, адвокатски помошници и писари..

    Сите лица кои беа вработени во државна служба на почетокот земаа плата по бројот на членови во семејството. Впрочем и на дело требаше да се покаже ревноста на власта за правдина и социјална грижа. Така  на пример претседателот на Градскиот одбор кој имаше 4 члена во семејството земаше плата од  4.000 лева, додека еден  хигиеничар во Одботот земаше 10.000 лева, бидејќи имаше семејство од 10  члена. Набргу, по напаствија од Скопје овој начин на наградување беше напуштен.

    ОУ „Климент Охридски“ 1945    Старата Гимназија  во Куманово 1944

    Паралелно со делување  во социјалната и економската сфера новата народна власт имаше силен ангажман во делот на  културата и просветата. Од страна на културно-просветниот оддел беа  назначени  36 лица,  кои имаа задача на народни просветители. Од нив 12  беа бивши учители, 22 студенти и ученици со завршен 7 и 8 клас, а двајца беа учители во турското училиште. Паралелно со тоа беше организиран курс за неоспособените, а се работеше на оспособување на  училишните згради како што побргу  би почнала наставата. Со акт на Президиумот на  АСНОМ за директор на  на Кумановската гимназија  беше назначен другарот Благој Георгиев, кој од 23 декември 1944 година ја презеде должноста.

    За одбележување е активноста на група артисти, кои во декември 1944 година  формираа дилетантска група од 35 члена кои набргу почнаа со давање на претстави пред граѓанството и војската. Воедно на културен план беше комплетирана градската блех музика, која како  е забележано во документите, ќе треба да делува на пропаганден план.

    Пред почетокот на новата 1945 година градот беше нападнат од сите аспекти, се бараше одговорност од секој поединец, посебно што  шпекулацијата се наметнуваше, имаше појави на изнесување злато од околијата и уфрлување на  книжни пари кои создаваа инфлација.

    Во тие мигови по евиденцијата на првиот Народно-ослободителен одбот во слободно Куманово, беше организиран првиот пречек на новата 1945 година, а тогаш  во Куманово живееја  вкупно 20.226 жители од кои  14.561 Македонци,  4.198 Турци и Албанци, 75 Власи, 18 Грци, 1.287 Роми и 92 други жители.

    Така некако се одвиваа првите педесетина денови по ослободувањето на Куманово од  фашистичкиот окупатор.

    Димитар Масевски