Од утре започнува втората фаза од ЕП во Литванија
После 60 одиграни натпревари на Европското првенство, бројот на учесниците се преполови. Уште 12 екипи останаа во конкуренција за борба за медалите, но и за местата кои водат на Олимписките игри во Лондон.
Од сите досегашни 4 групи, најдобрите три екипи формираат две групи.
Од тие две групи најдобрите четири екипи формираат нокаут-рунда и започнува вистинската борба за повисок пласман.
Групата Е ја сочинуваат Франција, Србија, Германија, Шпанија, домаќинот Литванија и Турција. Франција влегува во оваа група со четири освоени поени, додека сите останати имаат по три бода, освен Германија која има два. Во оваа прилично изедначена по квалитет група, тешко е да се одреди кој од овие шест репрезентации ќе го завземе петтото и шестото место. Според досега покажаните резултати, Германија, Турција и Литванија се главните кандидати за тоа. Сепак, Германија го има Новицки кој игра одлично кога е тоа најпотребно. Турција со НБА играчите Туркоглу, Кантер, Ашик, Иљасова и одличните Тунчери и Арслан успејаа да ја победат Шпанија која е главен фаворит за освојување на првенството и веројатно ќе го подигнат нивото на игра. Литванија е домаќин на првенството и предводени од Јасикивичиус се незгодна репрезентација.
Шпанија, Франција и Србија се репрезентациите кои би требало да ги поделат првите три позици на табелата во групата Е.
Во релативно послабата група Ф се пласираа Македонија, Грција, Финска, непоразената Русија, Словенија и Грузија.
Финска и Грузија се најслабите репрезентации, меѓутоа претставуваат и сензација на шампионатот. Финска покажа дека може да се натпреварува со било која репрезентација. Грузијците предводени од Заза Пачулиа кој веќе шеста сезона настапува во НБА, е прилично незгоден противник кој не е за потценување. Словенија има одлична репрезентација, која единствениот пораз го има од Русија. Русите ја играат најдобрата одбрана на шампионатот, предводени од Кириленко, Мозгов и Кријапа имаат одличен состав кој може да стигне дури и до финалето на турнирот.
Покрај тоа што што се борат за влез во четврт-финалето пред репрезентациите има уште една цел - да влезат меѓу најдобрите шест репрезентации. Финалистите на турнирот ќе играат на ОИ во Лондон, а останатите до шестото место ќе играат квалификации за пласман на игрите 2012.
Распоред на натпреварите на Македонија
Македонските репрезентативци на 08.септември го играат натпреварот против Грузија. Победа на Македонија најверојатно значи и пласман во следната фаза. Теоретски се шансите Македонија да не заврши како четврто-пласирана доколку издвојуваат победа против Грузијците. Грузија го има одличниот Пачулиа, но нашите играчи покажаа дека можат да се справат со корпулентни и искусни играчи како Борусис, Томиќ, Телетовиќ и Пековиќ, во чиј ранг е и центарот на Атланта.
Два дена подоцна, ќе се игра натпреварот против Словенија. Македонија не се сретна со нив на Екс-Ју турнирот, но загуби и во двата пријателски натпревара против нив. Минатото првенство во Полска, Словенија заврши како четвртопласирана, а се чини дека оваа сезона имаат поквалитетна репрезентација од минатото првенство. Кратката клупа на нашата репрезентација веројатно ќе е најголем проблем во овој меч. На тест е физичката подготвеност на македонските кошаркари.

На 12.септември ќе се одигра и последниот меч од оваа група против Русија. Минатото првенство Македонија изгуби само два разлика од русите. Веројатно ќе мора да извлечат многу поуки од тој меч за да се постигне позитивен резултат. Тимофеј Мозгов беше уништувачот на нашата екипа, кога речиси цела четвртина играше со 4 лични грешки и постигна 25 поени.