Изложба на слики “Од самрак до зори“ на Далибор Јовановски во Куманово
Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово, утре во 19 часот ќе биде отворена изложбата на слики “Од самрак до зори“ на Далибор Јовановски.
Изложбата содржи 20-тина дела, работени во техниката акрил на платно.
Далибор Јовановски е роден 1983 год. во Куманово, завршил средно училиште за применета уметност “Лазар Личеноски“, Скопје отсек сликарство и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел Графика, насока графички дизајн, во класа на професор Зоран Јакимовски.
Одржал три самостојни изложби и учество на дваесетина групни изложби, колонии и ликовни проекти. Работи како наставник по ликовно образование во ООУ ,,Кочо Рацин“ Куманово.
„Изложбата содржи дваесетина дела работени во техниката акрил на платно и истата може да се подели во две целини. Едната целина се слики на коишто тематскиот мотив е коњот во повеќе варијанти а другата е составена од портрети, животни (горила) и др. Циклусот со коњите говори за големиот потенцијал на Јовановски во смисла на техничка вештина и широк дијапазон на ликовно-стилски изразни варијанти: цртачки, графичко- дизајнерски и сликарски. Што се однесува до портретите, Јовановски слика портрети од скулптури во коишто се обидува да ја долови третата димензија (пластичноста, волуменот) додека другите слики се во еден поп арт манир, како решенија за постер што е во крајна линија и разбирливо ако знаеме дека по специјалност Јовановски е графичар“, вели за изложбата, историчарот на уметноста Роберт Цветковски.
Изложбата ќе биде отворена до 29. октомври.