Шпанија е прв финалист на Европското првенство
Кошаркарите на Македонија забележаа пораз во полу-финалниот дуел со актуелниот шампион Шпанија. Нашите кошаркари и покрај поразот, прикажаа одлична игра и беа рамноправен противник во текот на целиот натпревар. Конечниот резултат е 92:80.
До средината на третиот период, резултатот беше 58:58. Македонија не се предаваше, дури на полувреме отидовме со водство од 44:45. Хуан Карлос Наваро е човекот кој беше непогрешив и го „прекрши“ резултатот во корист на шпанците. Шпанија отиде на 9 поени разлика и оттука само го одржуваа водството до крајот на натпреварот. Наваро постигна 35 поени, По Гасол 22 поени и 17 скока, а и Марк Гасол забележа „дабл-дабл“ со 11 поени и 10 скока.
Во нашиот состав Мекејлеб постигна 25 поени, Антиќ 17, Илиевски 15 и Самарџиски 12.
Македонија во недела од 17:00 го очекува поразениот од вечерашниот натпревар помеѓу Франција и Русија, со кого ќе игра натпревар за бронзениот медал. Шпанците се финалисти и го очекуваат подобриот од тој дуел.