Стартуваа подготовките на КК Куманово
Кошаркарите на КК „Куманово“ вчера во спортската сала на Економското училиште ги започнаа подготовките за претстојното првенство на Македонија што ќе започне некаде кон средината на октомври.
Подготовките ги започнуваме во комплетем состав. Моментно отсуствува само Костовски кој е на подготовките на државната А репрезентација кој ќе ни се приклучи подоцна. Костурот на екипата го сочинува стандардната уиграна петорка Костовски, Матиќ, Јанушевиќ, Микиќ, Јанакиевиќ. На располагање имаме 17 квалитетни кошаркари способни за висок пласман на табелата, па и борба за титулата - изјави вчера за Кумановоњуз првиот тренер на КК „Куманово“ Љубисав Луковиќ кој на кормилото на клубот застана деновиве со потпишување на четиригодишен договор со управата на КК „Куманово“.
Тој изјави дека Куманово ги има сите услови и заслужува да има голем кошаркарски клуб.
Имате страшна публика, добра спортска сала, а пред се ги имате фантастичните „Кумани“ на трибините кои знаат да ги понесат играчите - рече тренерот Луковиќ зад чија изјава на синоќешната прес-конференција застана управата на клубот на чело со претседателот Виктор Божиновски.
На малата свеченост посветена на стартот на подготовките на кошаркарите присуствуваше и градоначалникот Зоран Дамјановски.