Бесплатниот превоз ќе продолжи до крајот на октомври, ќе чини уште 450.000 евра
Бесплатниот градски превоз во Куманово ќе продолжи до крајот на октомври.

Mнозинството во Советот на Општина Куманово на вчерашната седница oдлучи субвенционирањето на jaвниот превоз да трае уште 4 месеци и ќе чини вкупно 27,3 милиони денари или околу 450.000 евра. Од тоа 25 милиони денари (406.000 евра) за Куманово и 2,3 милиони денари (37.000 евра) за заедничко организирање на превоз помеѓу општините Куманово и Старо Нагоричане. Од почетокот на годината за 10 месеци од општинскиот буџет ќе се исплатат 67,6 милиони денари или 1,1 милион евра.
„Предходната одлука за бесплатен линиски превоз од 6 месеци заврши на 30 јуни, и за таа намена беа издвоени 37,5 милиони денари. Општина Куманово од својот буџет за уште 4 месеци ќе издвои 25 милиони денари и вкупната сума ќе биде 62.5 милиони денари за 10 месеци бесплатен превоз за граѓаните. За дел од општините Куманово и Старо Нагоричане за 4 месеци се обезбедуваат уште 2,3 милиони денари. Ако ги додадеме за предходните 3,5 милиони денари, вкупно ќе имаме 5,08 милиони денари“, изјави Лидија Ланг Спасовска, раководител на Секторот на комунални дејности во Општина Куманово.
Советникот Миле Андоновски кажа дека терминот за субвенциониран линиски превоз е скроен до завршување на локалните избори.
„Со години наназад во чудни околности се носи одлуката, минатиот пат и се зголеми цената на изминат километар, и се врши некаква услуга по изминат километар како да е суштината на градскиот превоз автобусите и комбињата да прават километража, а не да превезуваат патници. Трета година ќе заврши а ние во Советот немаме релевантен податок колку патници навистина се возат и колкава е оправданоста на овој буџетски трошок, за да не се сомневаме како опозицијата дека тоа се активности кои ќе доведат до поткуп на бирачи. Парите наместо да ги трошиме на инфраструктура во градот се трошат на бесплатен превоз“, кажа Андоновски.
Тој уште еднаш повтори дека нема против да има бесплатен превоз, кој ќе биде по строго утврдени критериуми. Средствата за бесплатен превоз се обезбедни со ребаланс на буџетот на Општина Куманово.
Опозицијата потсети дека бесплатниот превоз сè уште не е достапен за сите граѓани, нема линии во сите делови на градот, а не се поставени ни нови автобуски постојки како што се ветуваше. Посебен проблем е што автобусите се преполни поради непродуктивни возења на патници кои имаат слободно време, па без превоз остануваат граѓаните кои имаа вистинска потреба и одат на работа.
Бесплатниот градски превоз во Куманово започна на почетокот на 2023 година, и за 2,5 години досега чини над 3 милиони евра. Граѓаните се поделени за оправданоста на оваа мерка, додека едни ја фалат, други ја сметаат за непотребна, бидејќи нерационално се трошат јавни пари на штета на многу сериозни инфраструктурни проблеми кои ги има општината.