Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Агенцијата за вработување во Куманово пријавени се 9.890 невработени лица од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, кои се активни баратели на работа.
Од тоа 5.318 жители на градот, и 4.572 жители од руралните средини.
„Нема поголеми отстапувања во однос на истиот период минатите години, бројот на активни баратели се движи околу 10.000 лица. Има поголема група на работници, 22 лица кои од декември до сега поднеле барање за добивање на надомест како технолошки вишок, останатите трендови на пријавување на невработени и стапување во работен однос се вообичаени“, истакнуваат од кумановското Биро за вработување.
Според направената анализа има поголем број на невработени жени, во однос на мажите, и тоа најмногу постари од 50 години- возрасната група од 50 до 54 години бележи 842 невработени од вкупно 1.518 евидентирани лица, и 1.004 од 55 до 59 годишна старост од вкупно запишани 1.847.
Од 36 магистри на науки 22 жени се активни баратели на работа, но доктори на науки нема ниту еден невработен маж или жена. Со високо образование работа бараат вкупно 508 луѓе, од кои 338 жени, додека со вишо образование соодносот е на половина, 19 жени од 38 баратели на работа. Без образование или само со завршено основно училиште се евидентирани 6.047 лица, од кои 3.371 се жени.
Вкупно 2.826 лица чекаат работа од 5 до 7 години, од кои 1.909 жени и 917 мажи. Повеќе од 8 години работа не можат да најдат 1.607 лица, од кои една четвртина се жени- 402. Голем е бројот- точно 1.038 луѓе кои соодветно работно место не можат да најдат во период од 4 години, 612 од нив се жени.
Според активните огласи на Агенцијата за вработување во Куманово има 547 слободни работни места, 10.314 на државно ниво.
Се уште не е донесен националниот план за активни мерки за вработување на населението за 2025 година.