Од Куманово тргна караванот „Отворени денови“ на Царинската управа
Проверка на мали пратки, трагање со куче и поминување на камион на скенер беа само дел од активностите што денеска претставниците на мобилната царина ги презентираа пред граѓаните на Куманово.
Најголемо внимание предизвика пронаоѓањето скриена стока од страна на куче трагач, но не помалку интересни беа и останатите активности, кои беа проследени со големо љубопитство од присутните.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, вели дека токму тоа им била и целта – да ја приближат својата работа до граѓаните, особено до младите, кои се иднината на земјата и допрва ќе размислуваат за избор на професија.

„На овој начин ја прикажавме работата на оперативното одделение при Секторот за контрола и истраги, кое е активно 24 часа. Со ова сакаме да го смениме начинот на размислување на граѓаните кон Царинската управа и обратно, бидејќи сите граѓани се дел од царинска постапка при секое преминување на границата“, изјави Николовски.
Тој потсети дека со откривањето и спречувањето на нелегални дејствија, Царинската управа не само што ја штити домашната економија, туку и ја подобрува финансиската состојба на државата, што особено се покажало во последните две години преку реални, мерливи и видливи резултати.

„Со тие средства граѓаните добиваат подобри патишта, нови автопати, болници и училишта, а истовремено се спречува влезот на наркотични средства, оружје и нелегални лекови. Затоа ни е неопходна поддршка и партнерски однос со граѓаните“, додаде Николовски.
Во Царинската управа активно се работи и на бројни проекти за дигитализација, кои ќе ја зголемат ефикасноста во работењето на царинските службеници.
Караванот „Отворени денови на Царинската управа“, кој започна од Куманово, ќе продолжи и во други градови во земјава по повод 14 април – Денот на Царинската управа.
