Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над 50 пациенти се прегледани во акцијата за бесплатно мерење на шеќер и крвен притисок, а кај 6 од нив се откриени зголемени вредности на гликемија.
Акцијата се спроведуваше во Соколанскиот парк, во организација на Здружение на дијабетичари Куманово со поддршка на учениците од здравствената струка на средното училиште „Наце Буѓони“.
Ова е традиционален начин на одбележување на 7 Април - Светскиот ден на здравјето.
„Има доста интерес кај граѓаните и покрај студеното време. Дијабетесот е во пораст, посебно по пандемијата со корона вирусот. Ние како здружение со нашите активности се трудиме да придонесеме со вакви акции, но и со трибини за да ја подигнеме свесноста за опасноста која ја носи дијабетесот“, истакна Зоран Бојковски, претседател на здружението.
Според Бојковски загрижувачки е порастот на бројот на дијабетичари во последните неколку години, особено кај помладото население. Според него голем број од заболените не се свесни дека имаат покачени вредности на шеќер во крвта, па затоа препорачува редовни проверки и спроведување на дијагностички скрининзи за заболувањето.
Акцијата ја спроведуваа ученици од 2 и 4 година од здравствената струка на „Наце Буѓони“, а за оние од 1 и 3 година е организирано предавање во рамките на училиштето од страна на стручни лица.
„Ова е активност која е предвидена во склоп на прославата на овој ден. Имавме успешна акција со која намерата е да превенираме доколку дојде до покачен крвен притисок или шеќер. Нашите ученици имаат и анкетни листови, за да знаеме колку од оние кои ќе се јават имаат отстапување од референтните вредности“, изјави Магдалена Трајановиќ, професор по стручни предмети во училиштето.
За утре е закажана работилница на тема „Ретинопатија и дијабетес“, со почеток во 18.30 часот во кружната сала на Комитет. Темата е изберена затоа што и очите се мошне чувствителни при дијабетес и зголемена гликемија во крвта.
Во Куманово, Старо Нагоричане и Липково има околу 10.000 дијабетичари, од кои 4.000 се на инсулинска терапија.
Од Министерството за здравство најавиле дека од утре ќе се нормализира снабдувањето со инсулин за сите заболени, откако се јави недостаток во последните две недели.