Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Фудбалерот Драган Петровиќ, од Футсал клубот „Форца“ од Куманово, капитен на Футсал репрезентацијата на Македонија, е прогласен за спортист за 2024 година од Општинскиот сојуз на спортови.
Членовите на Сојузот сметаа дека дал најголем придонес за успехот на клубот, кој е шампион на Македонија во Првата футсал лига за сезоната 2023/2024, освојувач на КУП-от на Македонија за 2024 и учесник во Лигата на шампиони во осминафинале.
„Се чувствувам одлично како најдобар спортист на Општина Куманово. Ова е поединечна награда иако се натпреварувам во колективен спорт, но заслугата е на целата екипа, од прв до последен, од мене до тренерот. Сето она што го вложив и вложивме се исплатеше како футсал шампиони на Македонија, и во првенство и во купот, тоа е добар успех за нас како кумановци. Ова година мислам дека 90 отсто од работата е завршена за двојната круна, а во Лигата на шампионите продолжуваме со уште поголем успех од минатата година“, истакна Драган Петровиќ по церемонијата.
Како најдобар клуб е прогласен Футсал клуб „Форца 2015“, за кој игра Петровиќ.
Меѓу најдобрите спортисти за минатата година се најдоа Лука Димитриевски, кошаркар на МКК Куманово и член на репрезентацијата до 20 години, Јасмина Јовановска, фудбалер на ЖФК Речица и на репрезентацијата на Македонија, Филип Наковски, боксер во клубот „Фајтер Илери“, Дијана Вукановиќ, атлетичарка, државен првак во повеќе категории, Влатко Таесвски, ракометар на МРК Куманово, Александар Милошевски, велосипедит на „Вело- М“ и репрезентацијата, Сара Цветановска, ракометарка на ЖРК Куманово, Вилијамс Маневски, боксер на „Фајтер Илери“, атлетичарката Теа Алексовска репрезентативка и член на АК „Куманово“.
За најдобар спортист на меѓународната сцена е прогласена ракометарката Јована Кипријановска, репрезентативка на Македонија и член на францускиот клуб „Сабр- Авинуа“ кој игра во Првата лига.
Наградата за животно дело му припадна на истакнатиот спортски работник и тренер Миодраг Јовановски Црни. Со ракомет започнал да се занимава уште од 1966 година на свои 13 години. Завршил Виша фискултурна школа и поседува највисоки тренерски лиценци. Настапувал за Ракометен клуб Металец, а до 1983 година за РК Куманово каде има одиграно над 200 натпревари и има постигнато преку 800 голови. Потоа кариерата ја продолжва како тренер во кумановските ракометни клубови, по што во 1990 година е избран за најдобар тренер. Во 2016 ја основал Ракометната школа „Карпош“ со која во 2018 освојува 2-ро место, а во 2019 година 1-во место во Вардар јуниор лига. Од оваа школа произлегоа многу млади ракометари кои и ден денес настапуваат за Машки ракометен клуб Куманово и за репрезентацијата на Македонија. Миодраг Јовановски сеуште посветено работи како тренер во МРК Куманово.
„Презадоволен сум од наградата за животно дело, и нагласувам дека ја предавам на мојата сопруга како подарок, затоа што само таа знае како било се. Таа би рекла дека лажам затоа што спортот и ракометот за мене беа број 1, па потоа жената , но сега е внукот, сопругата и фамилијата“, вели Јовановски.
На церемонијата беа доделени награди и признанија на најдобрите млади спортисти, спортисти од најмладите категории, кои се надеж и перспектива на локалната спортска сцена, спортисти и тренери од основните и средните училишта во категоријата на училишен спорт, за спортист- пензионер, спортист со инвалидитет.
Филип Колевски, претседател на ОСС Куманово вели дека имале тешка задача при изборот на спортистите, но немал многу недоумици кому и за што да се одаде признание.
„Се покажа дека во најмалите и младинските категории има различни афинитети во спортот, па сега се стимулираат деца од повеќе спортови. Ова година беше доста успешна, но Управниот одбор немаше дилема при одлучување за најдобриот спортист. Сосема заслужено наградата за животно дело ја добива човек кој сеуште работи. Се надевам дека имаме многу спортски работници, тренери, спортисти кои уште долги години ќе продолжат со својата работа“, кажа Колевски.
Манифестацијата „Спортист на годината“ се одржа по пауза од 6 години, последниот пат прогласување на најдобрите атлети од градот имало во 2019 година.
Настанот се одржа под покровителство на градоначалникот и Совет на Општина Куманово.