Непозната течност истурена пред Кумановскиот суд
Пред зградата на Основниот суд во Куманово синоќа била истурена непозната течност.
Случајот е пријавен во полиција, а од местото се земени примероци за да се утврди за каква материја станува збор.
„Во 21:50 часот, полициски службеник од судската полиција при Основниот суд Куманово пријавил дека едно лице се доближило до зградата и истурило течност, по што се оддалечило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Претседателката на судот, Снежана Манев, потврди дека синоќа едно лице се однесувало чудно пред судот, по истурило течност пред службениот влез.
„Машко лице со качулка на главата се движело пред и околу судот и во еден момент застанало пред вратата на влезот за вработените, каде што истурило некаква течност. Тоа го забележал вработен во судската полиција и веднаш го пријавил случајот. Земени се примероци од течноста и обезбедена е видео-снимка. Засега не знаеме за што станува збор, полицијата и обвинителството го истражува случајот“, изјави Манев.
Неофицијално, лицето си заминало со автомобил, кој го чекал во близина на постојката на улицата.
Пред две и пол години, на 11 јули 2023 година по полноќ, во Кумановскиот суд избувна пожар во подрумските простории каде што се наоѓаше архивата. Причина за пожарот беше краток спој на електричната инсталација, а беше предизвикана голема материјална штета.