Изложба „Жените и фотографијата“ во Куманово
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово утре /5 март/ во 19.30 часот ќе биде отворена изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“.
Изложбата се организира по 13 пат во пресрет на 8 Март – Светскиот ден на жената, а посветена е на креативноста, талентот и визијата на жените во фотографијата.
„И оваа година, изложбата продолжува да биде силна платформа за афирмација на женското фотографско творештво во Македонија. Фотографијата е глас, емоција и лична приказна. Преку објективот, жените авторки создаваат дела исполнети со длабочина, сензибилитет и силна визуелна порака, градејќи препознатлив и автентичен израз“, велат организаторите од Фото клуб „Куманово“.
На овогодишното издание пристигнале над 250 фотографии од учеснички од повеќе фото клубови од земјата, од кои се избрани 80 дела кои ја претставуваат современата женска фотографска сцена – моќна, искрена и инспиративна.
„Жените и фотографијата“ не е само изложба, туку прослава на еднаквоста, уметноста и истрајноста. Ве покануваме да бидете дел од оваа приказна и заедно да ја почувствуваме силата на женската визија. Изложбата ќе биде поставена до 18 март“, стои во соопштението на Фото клуб „Куманово“.