Коњаницата вечерва во Доброшане и Орашац, утре низ улиците на Куманово (видео)
Коњаничкиот марш, кој се организира по повод празникот Илинден, денеска ќе продолжи кон населбите Доброшане и Орашац.
Таму коњаницата ќе бидат околу 19:00 часот и по кусо задржување ќе продолжи кон селото Орашац, каде што во 20:00 часот ќе пристигне кај црквата „Св. Илија“.
Организатор на маршот е Иван Цветковски од село Тромеѓа, кој има своја фарма за коњи, и на овој начин сака да ја промовира македонската историја и култура.
„Коњаницата е симбол на достоинството, истрајноста и љубовта кон родната земја. Идејата за маршот се роди пред повеќе од три години, но дури оваа година се создадоа услови за нејзина реализација“, вели Цветковски, кој е поранешен припадник на АРМ.
Утре на самиот празник, 2 Август, коњаниците ќе маршираат низ улиците на градот. Стартот е во 18:00 часот од Тромеѓа, а завршницата е планирана до 20:00 часот пред Спортската сала во Куманово.
Коњаницата вчера беше во населбите Карпош, Ајдучка Чешма, Перо Чичо и Иго Тричковиќ, и со воодушевување беше пречекана од тамошните жители.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да го одбележат празникот во духот на илинденската традиција.
