Куманово - градот првоборец го слави Денот на народното востание
На 11 Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ и Денот на борецот, се одбележува почетокот на организираната вооружена борба против фашизмот во Македонија во Втората светска војна.
Во Прилеп и Куманово, почнале првите вооружени акции против фашистичките сили.
На 11 октомври 1941 година, Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ извршил напади врз бугарскиот полициски участок и затворот во Прилеп. Во акцијата учествувале 16 партизани, поделени во три групи, од кои едната имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
Во Кумановско, борбата против окупаторот добила организирана форма веднаш по настаните во Прилеп. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена Вода бил формиран Кумановскиот, односно Козјачкиот партизански одред, додека во областа Менкова Колиба бил формиран Карадачкиот партизански одред.
Првите судири со бугарската војска завршиле со разбивање на двата одреда. Карадачкиот одред бил разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот на 17 октомври 1941 година.
И покрај краткотрајното дејствување и ограничените можности на првите партизански одреди, нивното формирање претставувало важен почеток на организираниот вооружен отпор во Кумановско и придонело за продолжување на ослободителната борба.
Празникот годинава ќе биде одбележан со свечена академија на Спомен костурницата во Куманово, под слоганот „Идеали што градат иднина“ на која ќе се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.