Кумановските пожарникари добија противпожарно возило донација од Австрија
Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово доби противпожарно возило со капацитет од 9.000 литри вода, донација од аеродромот во Инсбрук, Австрија, обезбедена преку долгогодишната соработка меѓу Општина Куманово и австриската покраина Тирол.
Со оваа донација, возниот парк на кумановските пожарникари е збогатен со седмо противпожарно возило, со што значително се подобруваат капацитетите за интервенција при пожари и други вонредни ситуации.
При примопредавањето на возилото, командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски, оствари средба со покраинската министерка за цивилна заштита и заштита при катастрофи Астрид Маир, како и со раководството на аеродромот во Инсбрук и командирот на аеродромската противпожарна бригада.
Во рамки на посетата, претставниците на ТППЕ Куманово поминаа петдневна обука за ракување со новото возило, а се запознаа и со организацијата и функционирањето на доброволните противпожарни друштва во Австрија и Хрватска.
Од ТППЕ Куманово истакнуваат дека поддршката од меѓународните партнери е од големо значење за модернизацијата на единицата и за понатамошно унапредување на нејзината подготвеност и ефикасност при справување со пожари и други интервенции.