„Мајски салон 2026“ и „Црно-бел Загреб“ – две изложби на фотографии вечерва во Куманово
Кумановци вечерва ќе имаат можност да посетат две изложби на фотографии.
Во Занаетчискиот дом во Куманово, со почеток во 18 часот, ќе биде отворена изложбата „Мајски салон 2026“, традиционална клупска изложба на Фото кино клуб „Козјак“.
„Публиката ќе има можност да види најразлични фотографии – моменти од реалноста, емоции и многу мигови зграпчени и ставени во рамка. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со кои ѝ пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме што го има ФКК „Козјак““, велат организаторите во најавата за изложбата.
Како дел од програмата e збратимување на Фото клуб Загреб од Хрватска и Фото кино клуб „Козјак“ – Куманово.
По тој повод, од 19 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ ќе биде отворена изложбата на уметничка фотографија „Црно-бел Загреб“, на која ќе бидат претставени дела од членовите на Фото клуб Загреб.
Посетителите ќе имаат можност да уживаат во внимателно одбрана поставка на фотографии од околу 50 автори.
Покровител на изложбите е Општина Куманово, а тие традиционално се поддржани од НУЦК „Трајко Прокопиев“ и Фондацијата за култура и спорт – Куманово. Настанот се организира под патронат на Фото сојузот на Македонија.